Шоле ја одложи посетата поради ковид


Високиот советник во американскиот Стејт Департмент, Дерек Шоле информира дека ја одложил посетата на Балканот, која требаше да започне денеска со неговото доаѓање во Косово, затоа што бил позитивен на Ковид-19.

Во објава на неговата страница на Твитер, Шоле порача дека ќе остане посветен на прашањата во регионот и најави дека посетата на регионот ќе ја реализира на почетокот на 2023 година.

– Принуден сум да ја откажам мојата посета на Балканот и на Брисел затоа што сум позитивен на Ковид-19. Ќе останам ангажиран за сите прашања во балканскиот регион и со нетрпение чекам да ја реализирам посетата на почетокот на наредната година, напиша Шоле.

Високиот американски дипломат се очекуваше денеска да му се приклучи во Приштина на американскиот специјален пратеник за Балканот, Габриел Ескобар, кој престојува во Косово од вчера, кога го посети православниот манастир во Високо Дечани.