Шолц: Време е да се надминат регионалните конфликти во Западен Балкан
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2022/11/шолц.jpg)
Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска во Берлин им порача на земјите од Западниот Балкан дека е „крајно време да ги надминат регионалните конфликти“, особено во моментот на бруталната војна на Русија против Украина. Според него, сите земји од Западен Балкан се дел од слободна и демократска Европа и заедничка работа на Европската унија и регионот е ветената европска иднина да се претвори во реалност.
На отворањето на самитот во рамките на Берлинскиот процес, Шолц рече дека денешната средба е можност да се разговара за многуте предизвици со кои се соочува Западен Балкан. Тој изрази уверување дека Берлинскиот процес не само што може да го ослободи потенцијалот на регионот, туку и да го забрза неговиот пат кон Европската унија.
Шолц рече дека на денешниот самит на шефови на влади од Западен Балкан и претставници на ЕУ ќе се разговара за три договори кои се исклучително важни за градење и интегрирање на заедничкиот регионален пазар.
Според него, ова е важно за олеснување на контактите во регионот во најширока смисла и за градење интегрирана иднина без внатрешни граници.
Тој додаде дека важно прашање ќе биде енергетската безбедност, за што, како што рече на 24 октомври на состанокот на Берлинскиот процес, разговарале и министрите за енергетика.
Тој повтори дека на 20 октомври, во форматот на Берлинскиот процес, министрите за внатрешни работи разговарале за исто така важното прашање за илегалната миграција и шверцот на луѓе.
Нагласувајќи дека денес ветувањата за Западен Балкан се даваат со чувство на итност, Шолц рече дека граѓаните од регионот можат да сметаат на Германија и на Берлинскиот процес.
Програмата на самитот треба да заврши на 3 ноември со церемонија на потпишување на која ќе присуствува и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Овој гест има за цел да сигнализира дека Берлин не го доведе Берлинскиот процес во ќорсокак, како што беше критикувано во последните години. Проблемите во Западен Балкан на кои реферираше Шолц се нестабилната политичка ситуација во Босна и Херцеговина, пречките околу преговорите на ЕУ со Македонија и Албанија и безбедносните грижи што произлегуваат од тензичните односи меѓу Србија и Косово и одбивањето на Белград да престане да седи на две столици – меѓу ЕУ и Русија.