Шолц: Верувам дека британскиот Парламент ќе го прифати Договорот за Брегзит


Германскиот министер за финансии Олаф Шолц изјави дека „се уште е уверен“ оти Долниот дом на британскиот Парламент ќе го прифати Договорот за истапување на Велика Британија од ЕУ, што лани во ноември го постигнаа Владата во Лондон и Брисел.

– Се уште сум уверен дека ќе има мнозинство во (британскиот) Парламент, што ќе се согласи на Договорот меѓу Европската Унија и Обединетото Кралство, изјави Шолц во интервју за Си-Ен-Би-Си.

Тој оцени и дека преговорите што се водат меѓу британската Влада и опозициската Лабуристичка партија за усвојување на Договорот, се добри и за Европа и за Велика Британија.

Британската премиерка Тереза Меј се обидува да постигне компромис со лидерот на Лабуристичка партија, Џереми Корбин, со цел лабуристите да го поддржат усвојувањето на Договорот за Брегзит во Парламентот.

Меј настојува да обезбеди усвојување на овој документ во Долниот дом на Парламентот, со цел да избегне Брегзит без договор на 12 април. Согласно одлуката од Самитот на ЕУ одржан минатиот месец, доколку Парламентот во Вестминстер не го усвои Договорот за Брегзит, Велика Британија ќе мора да ја напушти Унијата в петок на полноќ..

Британската премиерка минатата недела поднесе барање до претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск за одлагање на Брегзит до 30 јуни. За оваа барање на Меј, шефовите на држави или влади на членките на ЕУ ќе расправаат на денешниот Самит во Брисел.