Шолц слета во Пекинг, во авионот му правеа тест за ковид
Германскиот канцелар Олаф Шолц и делегација на деловни лидери слетаа во петокот наутро во Пекинг, започнувајќи ја првата посета на лидерите на една земја од Г7 на Кина во последните три години.
Шолц и целата делегација беа тестирани за Ковид-19 по пристигнувањето, а кинески медицински персонал во заштитна облека влезе во авионот за да ги изврши тестовите, рече репортерот на Ројтерс кој ја придружуваше делегацијата.
Строгата кинеска политика на нулта толеранција за корона вирусот и растечките тензии со Западот им оневозможи на лидерите на големите западни сили да ја посетат Кина, додека кинескиот претседател Ши Џинпинг дури сега ги продолжи странските патувања.
Посетата на Шолц е добредојдена за кинеското раководство, но предизвика големи реакции и во Германија и во Европската унија. Министерката за надворешни работи од Зелените, Аналена бербок, беше против посетата. Шолц ги остави во нелагодност и своите европски партнери затоа што инсистирајќи на посетата го нагласи само германскиот, но не и европскиот интерес.