Шолц: Промена на режимот во Русија не е цел на НАТО


Германија– Промена на режимот во Русија не е цел на НАТО и покрај руската инвазија на Украина, подвлече синоќа германскиот канцелар Олаф Шолц.

-Промената на режимот во Русија не е цел на НАТО или на американскиот претседател, изјави канцеларот на германскиот јавен канал АРД.

„Имав можност опширно да разговарам со американскиот претседател Џозеф Бајден во Белата куќа, а разговаравме и за овие прашања“, додаде тој.

Бајден завчера во Варшава кажа дека неговиот руски колега Владимир Путин „не треба да остане на власт“, ​​а Белата куќа веднаш увери дека Бајден не повикал на „промена на режимот“ во Москва.

-Демократијата, слободата и правото имаат иднина насекаде, и јас сметам на длабоката желба што ја имаме како луѓе да живееме во демократија, објасни Шолц, додавајќи дека „меѓутоа, на луѓето и на нациите е  да се борат за таа слобода”.

„Она што треба да го гарантираме е дека нема повреда на интегритетот и суверенитетот на државите“, наведе Шолц.

На прашањето за испораките на оружје од Германија, кои Киев ги смета за недоволни, канцеларот одговори дека тие прават се што е во нивна моќ.

Според него, оружјето што Западот веќе го испорача овозможило „значителни успеси“.