Шолц: Нема гасење на последните три германски нуклеарни централи


Германија ќе ја продолжи работата на своите последни три нуклеарни централи најмалку до април 2023 година, изјави во понеделникот канцеларот Олаф Шолц.

„Ќе создадеме правна основа за работа на нуклеарните централи Isar 2, Neckarwestheim 2 и Emsland по 31 декември 2022 година, до 15 април 2023 година“, се наведува во писмото на канцеларот до владата, што го виде и AFP.

Владата претходно соопшти дека по 2022 година ќе задржи две од трите нуклеарни централи. Најсилната европска економија се обидува да ја намали зависноста од рускиот увоз на енергија по војната во Украина. Судбината на електраната Emsland во северна Германија предизвика спор во коалициската влада на Шолц, меѓу антинуклеарните Зелени и либералната ФДП.

Но, на крајот канцеларот донесе одлука без да постигне никаков консензус.

Германија првично планираше да се откаже од употребата на нуклеарна енергија до крајот на 2022 година, но војната во Украина ги наруши нејзините планови.

Германската влада исто така одлучи да ја продолжи работата на неколку термоелектрани на јаглен до пролетта 2024 година, иако си постави за цел до 2030 година овој вид енергија повеќе да не се користи.