Шолц бара од ОН да преземе акција за руските воени злосторства
Членките на Обединетите нации мора да дејствуваат поради воените злосторства извршени од Русија во Украина, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц во обраќањето пред Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк во вторникот.
„Мораме да внимаваме и да преземеме акција кога Русија извршува воени злосторства во Мариупол, Буча и Ирпин“, рече Шолц, „Ќе ги изведеме убијците пред лицето на правдата“.
Шолц ги повика земјите-членки на ОН да не ѝ отстапуваат на Русија во мировните преговори.
„Путин ќе се откаже од својата војна и од своите империјалистички амбиции само ако сфати дека не може да победи“, рече Шолц. „Затоа нема да прифатиме мир диктиран од Русија, а нема да прифатиме ниту лажни референдуми“.
Германскиот лидер ја истакна и поддршката на неговата земја за Украина.
„Ја поддржуваме Украина со сите сили – финансиски, економски, со хуманитарна помош, а исто така и со оружје“, рече тој.
„Заедно со нашите партнери ширум светот, воведовме строги економски санкции врз руското раководство и руската економија“, додаде Шолц.
Шолц, исто така, негираше дека санкциите предизвикале одложување на какви било пратки жито во Украина.
„Ниту една вреќа жито не е задржана поради овие санкции“, рече тој, „сама Русија ги спречи украинските бродови за жито да излезат во морето, ги бомбардираат пристаништата и ги уништуваат земјоделските претпријатија“.
Шолц се осврна и на прашањето за климатските промени, нарекувајќи го најголемиот предизвик на неговата генерација.