Шокот од Трамп е вина на демократите

Иако демократите во САД победија на некои неодамнешни избори со поддршка од Силиконската Долина, малцинствата, синдикатите и професионалците во големите градови, оваа коалиција никогаш не беше одржлива. Партијата стана културно исклучива и ги презира токму гласачите што треба да ги освои


Исходот од претседателските избори во САД беше повеќе загуба на демократите отколку триумф за Доналд Трамп. Демократите загубија не затоа што американскиот претседател Џо Бајден предолго остана во трката, и не затоа што Камала Харис е неквалификувана, туку затоа што губат работници и не успеаја да ги вратат кон нив.

Партијата одамна престана да биде дом за американските работници, поради нејзината поддршка за дигиталните нарушувања, глобализацијата, големиот прилив на имигранти и „разбудените“ идеи. Во денешно време, оние кои најверојатно ќе гласаат за демократите се високообразованите, а не физичките работници. Во САД, како и насекаде, демократијата ќе страда ако левиот центар не стане поработнички.

Иако демократите победија на некои претходни избори со поддршка од Силиконската Долина, малцинствата, дел од организираната работна сила и професионалната класа во големите градови, ова никогаш не беше одржливо. Таквата коалиција ги отуѓува работниците и средната класа во голем дел од земјата, особено во помалите градови и на југот. Проблемот беше веќе очигледен по 2016 година, што е дел од причината зошто Бајден усвои про-работничка индустриска стратегија во 2020 година.

Економијата на Бајден испорача за работничката класа со создавање работни места и зајакнување на американската индустриска база. Платите на дното брзо се зголемија, а политиките почнаа малку да се движат кон ставовите на американските работници за имиграцијата, протекционизмот, поддршката за синдикатите и јавните инвестиции. Но, партискиот естаблишмент – особено високообразованите активисти концентрирани во просперитетните крајбрежни градови – никогаш не ги интернализираше културните и економските грижи на работниците. Наместо тоа, демократите често се чинеше дека им држат предавања или ги караат.

Еве го мојот сопствен тест за разбирање на односот меѓу демократите и американските работници: ако член на демократската елита е заглавен во непознат град, дали претпочита да ги помине следните четири часа разговарајќи со работник од среднозападна Америка со диплома од средно училиште или со професионалец со постдипломско образование од Мексико, Кина или Индонезија? Секогаш кога им го поставувам ова прашање на колегите и пријателите, сите тие претпоставуваат дека е второто.

Со нејзиниот акцент на средната класа и патриотизмот, Харис првично изгледаше подготвена да го реши овој проблем. Доколку е веродостоен, вистинскиот напор да се вратат работниците можеше да победи на изборите. Но, до крајот, кампањата се фокусираше на прашањата што беа најважни за базата. Најголемиот обид за проширување на коалицијата дојде од користењето на Лиз Чејни (републиканска поранешна конгресменка која е избркана од нејзината партија) за да им се обрати на жените од предградијата по прашањето на абортусот. Репродуктивната слобода можеби е критично прашање, но никогаш немаше да ја придобие работничката класа, секако не и мажите од работничката класа.

Во однос на економијата, демократите можат да зборуваат за можности и работни места додека не станат сини (бојата на демократите – н.з.), но доколку не се дистанцираат од технолошката и глобалната деловна елита, таквите пораки нема да се претворат во вистинска про-работничка агенда – и работниците ќе видат точно низ неа. Со оглед на тоа што дури и Силиконската Долина почна да ги напушта демократите (иронично), нема подобро време за промена на курсот.

Но, пренасочувањето ќе биде тешко сега кога Републиканската партија на Трамп и Џ.Д. Венс стана главен дом за работниците – особено оние во производството во малите градови – и сега кога демократските елити се толку културно одвоени од работниците и поголемиот дел од средната класа.

Големата трагедија е што иако агендата на Бајден суптилно почна да им се исплаќа на работниците (докажувајќи дека глобализацијата и растечката нееднаквост не се само слепи сили на природата), политиките на следната администрација речиси сигурно ќе ги поддржат плутократите. Високите царини за увоз од Кина нема да ги вратат работните места што ја напуштија земјата и сигурно нема да помогнат да се задржи инфлацијата под контрола. Додека политиките на Бајден од ерата на пандемијата (доаѓајќи на врвот на стимулативните мерки на Трамп) ја поттикнаа инфлацијата, Федералните резерви на САД успеаја да ја вратат стабилноста на цените. Но, ако Трамп изврши притисок врз ФЕД за повеќе намалувања на каматните стапки (за да ја зголеми сопствената популарност), инфлацијата може да се врати.

Згора на тоа, залагањето на Трамп за крипто секторот веројатно ќе дозволи повеќе измами и меури, а притоа не прави ништо за американските работници или потрошувачите. Неговите ветени даночни намалувања првенствено ќе им помогнат на корпорациите и на берзата, при што секое резултирачко зголемување на инвестициите ќе оди во голема мера кон технолошкиот сектор и автоматизацијата.

Пошироко, следните четири години технолошка политика може да испадне како катастрофа за работниците. Иако Бајден издаде голема извршна наредба за вештачката интелигенција, ова беше само прв чекор. Ако не се регулира правилно, вештачката интелигенција не само што ќе направи хаос во многу индустрии; исто така ќе доведе до продорна манипулација со потрошувачите и граѓаните (само погледнете ги социјалните медиуми), а нејзиниот вистински потенцијал како алатка што може да им помогне на работниците ќе остане нереализиран. Со поддршка на големите компании и ризични капиталисти во Силиконската Долина, администрацијата на Трамп ќе го поттикне трендот кон автоматизација што ќе ја замени работната сила.

Заканата на Трамп за американските институции, исто така, претставува голем ризик за работниците. Не е тајна дека тој дополнително ќе ги ослабне демократските норми, ќе внесе несигурност во креирањето политики, ќе ја продлабочи поларизацијата и ќе ја поткопа довербата во институциите како судовите и Министерството за правда (кои ќе се обиде да ги искористи). Ова однесување нема веднаш да доведе до економски колапс, па дури може да поттикне некои инвестиции од неговите омилени компании (вклучувајќи ја и индустријата за фосилни горива) на краток рок. Но, на среден рок (да речеме, десет години или повеќе), послабите институции и губењето на довербата на јавноста во судовите ќе ги намалат инвестициите и ефикасноста.

Ваквите институционални слабости секогаш се економски скапи и тие може да се покажат навистина катастрофални во економија која зависи од иновациите и сложените, напредни технологии, кои бараат поголема договорна поддршка, доверба меѓу страните и доверба во владеењето на правото. Без регулатива предводена од експерти, голем дел од економијата – од здравствена заштита и образование до онлајн бизнис и услуги за потрошувачи – ќе биде преплавен со змиско масло (лажен лек – н.з.), наместо со производи со висок квалитет.

Ако економијата повеќе не може да ги поттикнува иновациите и растот на продуктивноста, платите ќе стагнираат. Сепак, дури и во услови на такви неповолни исходи, многу работници нема да се вратат кај демократите доколку партијата навистина не ги земе предвид нивните интереси. Тоа значи не само усвојување политики кои ги поддржуваат приходите на работниците, туку и зборување на нивниот јазик, колку и да е тоа туѓо за крајбрежните елити кои ја затрупаа партијата.

(Дарон Аџемоглу е добитник на Нобеловата награда за економија од 2024 година и професор по економија на Институтот на МИТ во Масачустетс. Текстот е дел од мрежата на „Проект синдикејт“.)