Шок во Унгарија: Претседателката помилувала маж вклучен во сексуална злупотреба, па поднесе оставка

По Каталин Новак оставка поднесе и поранешната министерка за правда Јудит Варга, блиска соработничка на премиерот Орбан


 

Унгарскaта претседателка Каталин Новак поднесе оставка во саботата откако беше под зголемен притисок како резултат на нејзината контроверзна одлука да помилува маж вмешан во скандал со сексуална злоупотреба минатата година.

Новак, близок сојузник и поранешен министер за семејство на премиерот Виктор Орбан, го прекина патувањето во Катар и се врати во Будимпешта за да го објави ова по протестите во главниот град на Унгарија.

„Издадов помилување што предизвика збунетост и немир кај многу луѓе. Направив грешка“, рече Новак во телевизиското обраќање во саботата, најавувајќи дека ќе се повлече од церемонијалната позиција на шеф на државата.

„Во април минатата година, решив во корист на помилување, верувајќи дека осуденикот не ја злоупотребил ранливоста на децата што му биле доверени“, рече таа. „Погрешив, бидејќи одлуката за помилување и недостатокот на оправдување беа погодни за подигање сомнеж за нулта толеранција за педофилија“.

Иако беше добро познато дека Новак помилувала дваесетина луѓе пред посетата на папата Франциско на Унгарија во април 2023 година, неодамна беше обелоденето дека еден од луѓето што имаа корист од мерката е заменик-директор на дом за деца кој беше осуден за прикривање на сексуален предатор чиј плен биле штитениците.

Покрај Новак, Јудит Варга, поранешната министерка за правда, која се очекуваше да ја предводи листата на владејачката партија Фидес за изборите за Европскиот парламент оваа година, објави дека поднесува оставка од унгарскиот парламент, каде што раководи со Комитетот за европски прашања, и „се пензионира од јавниот живот“.

Варга го потпиша помилувањето на Новак и на сличен начин беше издвоена од опозициските партии, кои инсистираа дека и таа треба да преземе одговорност за ова прашање.

„Валидноста на индивидуалната одлука за помилување на претседателот бара контрапотпис на министерот за правда“, напиша Варга во објавата на Фејсбук. „Ја преземам политичката одговорност за контрапотпишување на одлуката на претседателот“.

Унгарските опозициски партии ја поминаа неделата повикувајќи на смена на Новак, како и на Варга. Во петокот повеќе од 1.000 луѓе се собраа во Будимпешта барајќи оставка од Новак.

Новак претходно оваа недела призна дека сите помилувања предизвикуваат поделби, но инсистираше на тоа дека никогаш нема да помилува педофил.

Новак е поранешнa потпретседателka на владејачката партија Фидес, а нејзиниот политички пад претставува невообичаено удар за Орбан, кој доминира на унгарската политичка сцена повеќе од една деценија. Унгарскиот лидер се надеваше дека ќе го зајакне својот политички профил на континентот пред изборите за Европскиот парламент подоцна оваа година, но оваа недела се соочи со две оставки.

Скандалот околу помилувањето ја натера унгарската владејачка партија Фидес да се бори да реагира на огорченоста на јавноста. Во обид да го смири народниот гнев поврзан со случајот, партијата на Орбан во четвртокот поднесе уставен амандман со кој се забранува идните помилувања на кој било начин да им бидат од корист на луѓето осудени за злосторства против деца.

Новак беше во Катар каде присуствуваше на натпреварот Унгарија-Казахстан на Светското првенство во ватерполо и требаше да остане во заливската држава до крајот на викендот.

Унгарските медиуми претходно во саботата објавија дека нејзиниот авион полетал пред предвиденото и е на пат назад за Будимпешта.