Шок во САД: Името на Трамп ќе стои на секој исплатен чек од државата


Името на претседателот Доналд Трамп ќе се појави на чековите за стимулирање на економијата што ќе ги добијат од државата  десетици милиони Американци, како дел од планот за помош за време на овој кризен период, објави „Вашингтон пост“.

Ова ќе биде прв пат во историјата името на претседателот да биде прикажано на ваква исплата, без оглед дали е вообичаен поврат на данок или чекови со финансиска помош за граѓаните од владата.

Оваа невидена одлука досега беше објавена вчера. Уште повеќе, според тројца неименувани функционери на администрацијата, Трамп лично му предложил на секретарот за финансии Стивен Мнучин, кој ја надгледува даночната служба и издавањето чекови, да му овозможи официјално да ги потпише документите. Но,  претседателот не е овластен за тоа, бидејќи правно исплатите на Министерството за финансии обично се потпишани од државен службеник – за да се осигура дека владините плаќања се непартиски, а со тоа и неполитички.

Името на Трамп наместо тоа ќе биде прикажано под линијата во која се наведува целта на исплатата – „Исплата за економско влијание“.Чековите треба да бидат испратени во четврток до Бирото на фискалната служба за печатење и издавање.

Како што велат официјалните лица, компјутерскиот код мора да се смени за да го вклучи името на претседателот и системот мора да биде тестиран пред да се издадат надоместоците.

Според планот за стимул на администрацијата Трамп, лицата чии приходи не надминуваат 75.000 американски долари годишно добиваат исплата од 1.200 американски долари, додека брачните двојки кои заработуваат до 150.000 американски долари годишно имаат право на еднократна исплата од 2.400 американски долари. Родителите добиваат дополнителни 500 американски долари за секое дете под 17 години.

Се очекува вкупно150 милиони Американци да бидат корисници на програмата, при што првиот бран го сочинуваат оние кои поднеле даночни пријави во 2018 и 2019 година и ги дадоа своите банкарски информации.