Шок во Белград: Ѓоковиќ елиминиран од Србија опен
Во еден шокантен меч Новак Ѓоковиќ пред белградската публика беше поразен во полуфиналето на првото Отвореното тениско првенство на Србија по повеќе од три часа борба. Подобар од него беше 28-от тенисер во светот, Рисонот Аслан Карацев, кој победи во три сета – 7:5, 4:6, 6:4.
На овој начин рускиот тенисер му се одмазди на Ѓоковиќ за поразот во полуфиналето на Австралија опен пред два месеци.
„Ако играњето на Аслан Карацев на Грен слемот во Мелбурн беше сензација, тогаш што да се каже за оваа вечер во Белград, во која рускиот тенисер одбрани дури 23 брејк топки против најдобриот тенисер во светот“, пишува Блиц.
Ѓоковиќ го отвори мечот на начин што ретко кој можеше да се сомнева во сигурна победа – по 11 минути тенис во првото полуфинале на Србија опен, тој веќе водеше со 3:0. Сепак, Карацев покажа дека е тврд орев веќе во раната фаза од натпреварот, одговарајќи му на Ѓоковиќ со иста мерка. Русинот доби три гема по ред, исто така го врати брејкот и го запре напливот на противникот.
Работите тогаш значително се променија, а Карацев наскоро стигна до пресвртница и со вториот брејк во првиот сет стигна до веројатната шанса да го добие. Сепак, не помина толку мазно против најдобриот во светот. Ѓоковиќ го врати брејкот и израмни на 5:5, но Русинот потоа го направи третиот брејк, а потоа го потврди со своите сервиси и поведе во сетови.
Вториот сет Новак Ѓоковиќ го започна со брејк, поведе со 2:0 , но експресно му беше возвратено. Сепак, до крајот на сетот, Ѓоковиќ најпрво го врати брејкот, а потоа направи уште еден со кој го освои сетот.
Во третиот сет Карацев играше речиси перфектно. На крајот во возбудливиот финиш стигна до заслужен триумф, кој Ѓоковиќ го проследи со пцости.

После мечот Ѓоковиќ зборуваше што придонело за поразот.
„Не знам, малку среќа на моменти. Веројатно кога би го анализирал целиот натпревар, сето тоа се сведе на удар, два. Тоа го реши победникот на ова ниво. Тоа е спорт, понекогаш преовладува на ваша страна, понекогаш не. Кога и да одиграше, одигра храбро. Се борев, но нивото на игра од моја страна беше прилично лошо. Јас продолжувам да работам. Жал ми е. Ролан Гарос е целта, се надевам дека ќе успеам да врзам неколку мечеви. Не знам дали ќе играм во Белград на вториот турнир. Би сакал да играм, ќе дадам сѐ од себе да бидам таму“, изјави светскиот рекет број 1.
Тој рече дека во третиот сет имал и здравствени потешкотии. „Играше брзо, како што знае. Почнав добро, но има многу различни фактори. Намалена концентрација, физичка подготвеност и здравствени причини. Во третиот сет, во најголем дел играв со вртоглавица. Бев навистина болен. Имав противник кој беше феноменален, играше прецизно. Честитки“, нагласи Ѓоковиќ.
Победникот, рускиот тенисер Аслан Карацев, изјави дека тоа е најважната победа во неговата кариера досега.
„Задоволен сум од мојата игра, ова е дефинитивно најважната победа во мојата кариера. Мора да играте агресивно со вакви играчи. Ви враќа сè, се движи добро. Се обидов да бидам фокусиран веднаш штом стапнав на теренот. Дадов 200 проценти од себе на овој натпревар, тој играше добро, не ви дава слободни поени“, истакна Карацев и додаде дека зачекорил на теренот со главна цел да го совлада Новак.