Шок од ЕУ за Србите – се надеваа на отворени граници, но…


И покрај препораката на Европскиот совет, Германија, Австрија, Словенија, скандинавските земји … една по друга донесоа решенија да ги задржат границите затворени за српските граѓани

 

Граѓаните на Србија се надеваа дека во согласност со препораката на Европскиот совет ќе можат да патуваат од денес во земјите на Европската унија, но наместо добра вест, од повеќе членки на ЕУ добија студен туш. Германија, Австрија, Словенија, скандинавските земји … една по друга донесоа решенија да ги задржат границите затворени за српските граѓани. Сепак, имаше и поинакви случаи, пишува „Блиц“.

Имено, границите не се отвораат автоматски во моментот кога се објави списокот на 15 држави за кои е дадена препорака за отворање граници. Тоа е само првиот чекор.

Препораката на Европскиот совет за отворање граници со 15 земји кои не се членки на блокот не е правно обврзувачка, туку е – препорака. Затоа, секоја земја има право да го прифати или одбие, пишува страницата Schengenvisainfo.com.

Првата што одлучи да не ја прифати таа препорака е земјата од каде доаѓаат најголем број српски граѓани кои се на привремена работа во странство – Германија.

Следна беше Австрија чии граници се затворени за целиот Балкан, а потоа пристигна студен туш и од Словенија.

Од друга страна, Италија објави дека истите правила важат за граѓаните на Србија, како и за сите други што патуваат во таа земја. И тоа беа првите позитивни вести денес, односно Италија е првата земја на ЕУ што објави дека се отвора за граѓаните на Србија. Во Италија, сепак, останува обврска за самоизолација 15 дена. Другите членки на ЕУ сè уште не објавиле како ќе постапуваат.

Денес, српските граѓани доживеаа и непријатност да влезат во Грција од Македонија. Имено, иако беше најавено дека од денес ќе може да се влезе во Грција преку преминот Евзони, кој најмногу го користат српските туристи, одлуката беше изменета.

– Забраната за влез во Грција од Северна Македонија беше продолжена до 15 јули. Српските туристи сепак можат да одат во Грција со авион и преку копно преку Бугарија, со пополнет образец и кју-ар код што Грците го бараат од 1 јули – беше објавено денес.

Во секој случај, каква и да е одлуката на членките на ЕУ, таа не е конечна.

Списокот на земји од кои е дозволен влез во ЕУ ќе се ревидира на секои 15 дена, во зависност од епидемиолошката состојба во тие земји. Ова значи дека доколку се зголеми бројот на заразени лица, на граѓаните на таа земја повторно ќе им биде забранет влез.

Црна Гора имаше сличен принцип, објавувајќи список на земји за кои ја отвора својата граница секој петок. Србија сè уште не е на тој список, пишува „Блиц.