Шок и потоп за Шкендија: Номе Калју победи среде Скопје и го елиминираше македонскиот шампион!


Дебакл за Шкендија во првото кфалификациско коло од Лигата на шампионите, откако избраниците на Ќатип Османи доживеаја шокантен пораз во реваншот во Скопје од естонски Номе Калју со 2:1.

Сите очекуваа убедлив триумф на македонскиот шампион, особено по прикажаната игра на првиот меч и квалитетот кој го поседува тимот на Ќатип Османи, но наместо тоа, се случи неверојатен шок за амбициите на „дрим-тимот“ од Тетово.

Гостите поведоа веќе во шестата минута од мечот со голот на Уге. Македонскиот шампион целосно доминираше во првото полувреме, имаше и неколку обиди кон противничкиот гол, но не успеа да ја затресе мрежата во првите 45 минути од мечот.

Во второто полувреме Шкендија прикажа далеку подобра игра, Бесарт Ибраими по само пет минути игра во вториот дел ја погоди стативата од слободен удар, кратко потоа и Агим Ибраими упати фантастичен удар од 20-тина метри, но голманот одбрани и топката заврши во корнер, а по изведениот удар од аголот топката дојде до Мици кој шутираше од непосредна близина откосо, топката мина под телото на голманот, но удри во стативата и застана на милиметри од гол-линијата.

Шкендија создаваше шанси, а конечно во 61. минута Шкендија доби пенал, иако на прв поглед беше нејасно зошто, подоцна стана јасно дека е поради игра со рака на еден од гостинските дефанзивци. Агим Ибраими успешно го реализираше ударот од белата точка за израмнување на резултатот. По ова гостите се отворија, Шкендија повторно имаше иницијатива, Ибраими ја погоди и пречката, а кога се очекуваше судијата да означи крај, гостите од Естонија ја затресоа мрежата на Костадин Захов, а стрелец на голот беше Лилиу во 91. минута од мечот.

Шкендија летово имаше големи амбиции, што е и очекувано со оглед на квалитетот и имињата кои Ќатип Османи ги има на располагање во својот состав, но наместо двомеч со Селтик во второто коло од квалификациите за Лигата на шампионите, Шкендија ќе игра во второто квалификациско коло од Лигата на Европа.