Шо: Сакаме во Лигата на шампионите, но ако продолжиме да губиме бодови, тоа нема да се случи


Дефанзивецот на Манчестер јунајтед, Лук Шо искажа критики за играта на тимот од „Олд Трафорд“ по денешното реми со Саутемптон (1:1) во натпреварот од 25. коло на шампионатот на Англија.

-Историјата се повторува. Манчестер јунајтед имаше одлични први 20 минути, а потоа сé се повтори. Знаеме дека итно треба да се поправиме. Нашите резултати не се доволно добри, изјави Шо за Би-би-си.

Според дефанзивецот, доколку ги искористеа моментите на почетокот на средбата, се ќе испаднеше поинаку.

-Знаеме дека мора да се подобриме, но не треба да размислуваме премногу за тоа. Манчестер јунајтед сака да влезе во Лигата на шампионите. Но, ако продолжиме да губиме бодови, тоа нема да се случи. Најважни се резултатите. Треба да освоиме поени и да напредуваме во поредокот, рече Шо.

Средбата се одржа на стадионот „Олд Трафорд“. Стрелец на единствениот гол за домаќините беше Џејдон Санчо. Гостите изедначија преку Че Адамс.

Манчестер јунајтед со 40 освоени бодови се наоѓа на 5. место на табелата во Премиер лигата. Саутемптон остана на 10. позиција со 29 бодови.