Шкотската премиерка повторно бара итен состанок поради Ковид-19


Поради зголемувањето на бројот на новозаразени со коронавирусот, шкотската премиерка Никола Старџен денеска побара од премиерот на Велика Британија Борис Џонсон да свика состанок на Националниот комитет за итни случаи во рок од 48 часа.

Во објава на Твитер, Старџен напиша дека го испратила барањето до Џонсон заради „сериозната ситуација низ Велика Британија“ и со цел да се постигне подобра координација и усогласена акција на сите четири делови на земјата – Англија, Шкотска, Велс и Северна Ирска, иако, како што истакна таа, одлуките сепак треба да ги донесуваат сами.

Според британските медиуми, бројот на нови случаи на Ковид-19 во Шкотска денеска се зголемил за 350, достигнувајќи вкупно 24.126, додека од оваа болест починале уште три лица, па вкупниот број на смртни случаи во пандемијата во Шкотска е 2.505.