Шкендија со нов дрес и со засилување


Шампионската екипа на Северна Македонија, Шкендија, ги претстави новите дресови, со кои ќе настапува на натпреварите од сезоната 2019/2020.

Во новиот дизајн на дресот со кој шампионите ќе играат на домашен терен повторно преовладуваат традиционалните „црвено и црни“ на Шкендија.

Од Шкендија најавија дека екипата ќе има уште еден модел на кој ќе доминира белата боја, а кој ќе биде наменет за натпреварите кои ќе ги играат на гости, a на јавноста ќе и биде претставен набргу.

Првиот настап со новиот дрес „црвено-црните“ ќе го имаат на натпреварот во вторник, 9 јули, против шампионот на Естонија, Номе Каљу, натпревар вреден и за првиот квалификациски круг на Лигата на европските шампиони.

Шкендија доби и засилување. Тоа е Бразилецот Јуан Фелипе. Веста ја потврдија челниците на шампионот на Северна Македонија, кои наведуваат дека со бразилскиот фудбалер е постигната согласност за соработка во следните две години (1+1) и дека сега веќе новиот играч на Шкендија ставил потпис на договорот.

Фелипе ќе се приклучи на екипата на Шкендија по нивното враќање до Естонија. Овој 31-годишен Бразилец  доаѓа од ЦСКА Софија, а претходно три сезони бил член на Вардар, од 2015 до 2018.