Шкендија доби шанса за одмазда: Ако го мине Дуделанж, пак ќе се соочи со Номе Калју!


Македонскиот шампион Шкендија денеска го дозна потенцијалниот противник во третото коло од квалификациите за Лигата на Европа.

Шкендија доби шанса за одмазда против естонскиот првак Номе Калју кој шокантно го елиминираше нашиот шампион во првото квалификациско коло од Лигата на шампионите.

Тетовскиот клуб по поразот во првото коло од квалификациите за ЛШ се пресели во второто квалификациско коло од Лигата на Европа каде ќе игра против Дуделанж од Луксембург, а освен ако не доживее нов срамен дебакл, би требало да игра во третото коло од квалификациите за ЛЕ каде ќе се соочи со поразениот од двомечот помеѓу „џелатот“ Номе Калју и шкотски Селтик.

Со оглед на тоа дека Селтик е огромен фаворит, се очекува Номе Калју да ја продолжи својата европска одисеја во квалификациите за ЛЕ и таму да се соочи со Шкендија.

Но, нашиот шампион најпрво треба да го мине Дуделанж со кого се соочува веќе утре во рамките на првиот меч, а за една недела е реваншот во Луксембург.

Доколку избраниците на Ќатип Османи се консолидираат и успеат да ја оправдаат фаворитската улога и против Дуделанж и против Номе Калју, што според квалитетот на поединците не би требало да е под знак прашалник, тетовци повторно ќе се најдат во плеј-офот од Лигата на Европа и на чекор од обезбедување на групна фаза во европските купови.