Широк консензус или 80 гласа за новото (С)ЈО


Во парламентот се чека Владата да го достави новиот предлог-закон за јавно обвинителство што премиерот Зоран Заев го најави минатата седмица, а кој беше на дневен ред на вчерашната владина седница. Пред почетокот на седницата на владиниот кабинет, спикерот Талат Џафери изјави дека ако законот биде доставен до вчера тој може да биде ставен на дневен ред на парламентот на  29 јуни и да биде донесен до крајот на август. Сепак, Џафери посочи дека темпото за донесување на новиот закон, со кој се решава и статусот на сегашното СЈО, зависи од позициите на политичките партии во парламентот.

„На  крајот на овој месец можам да свикам седница и законот да помине во прво читање. Потоа, во рок од седум дена од првото читање, законот треба да помине и на матичната комисија, а од 26 до 30 август може да се свика седница за второ читање на законот. Но, тоа е ситуација доколку се усогласат ставовите“, изјави Џафери.

Со оглед на тоа што конечната верзија на овој закон треба да биде изгласана со двотретинско мнозинство, Џафери напомена дека не е исто дали одредено законско решение се носи со широк консензус или со точен број гласови. Со тоа, всушност, се наметнува прашање дали, ако ВМРО-ДПМНЕ не даде „зелено светло“ за новото законско решение за него ќе се бара поддршка по сличен принцип како за уставните измени што произлегоа од Преспанскиот договор, а за кои кворумот беше обезбеден со поддршка од опозициските партии од албанскиот блок и со асистенција на осумтемина пратеници што подоцна беа исклучени од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Меѓународните фактори во изминатиот период во повеќе наврати настапуваа со ставови дека треба да се обезбеди идното функционирање на СЈО, независно од скандалот „Рекет“ кој влијаеше до одреден степен на кредибилитетот на институцијата. Во тој контекст се и информациите за можна средба на новиот американски помошник државен секретар Филип Рикер со независната пратеничка група, како опција да се осигура мнозинството за донесување на новиот закон и во случај ВМРО-ДПМНЕ да не даде поддршка.

Додека вчера заседаваше владата, од ВМРО-ДПМНЕ се јавија со соопштение  со негативен тон во однос на  најавеното законско решени со кое, меѓудругото, СЈО влегува во составот на редовното обвинителство и се спојува со Обвинителството за организиран криминал.

„Законот што го предлага СДСМ, наместо правна држава, треба да го зајакне рекетарско-судско-политичко-медиумскиот октопод кој е создаден од оваа власт. Законот кој го предлагаат е надвор од европските стандарди и има една единствена цел – да ја замолкне опозицијата. Законот на СДСМ е неприфатлив и од персонален план кој Заев сака да го наметне, бидејќи тој е синоним за политичкото влијание врз судството. Јасна е тенденцијата на Заев и СДСМ да создадат алатка со која ќе го продолжат притисокот врз секој оној кој што се спротивставува на нивниот криминал“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската партија најавија дека многу скоро ќе ја достават до парламентот и својата верзија на законот за јавно обвинитрелство, која била во фаза на подготовка.

За решавање на статусот на СЈО се интересирала и новата амбасадорка на САД во земјава, Кејт Брнс. На вчерашната средба со спикерот Џафери таа прашала дали новиот закон може да биде донесен до 15 септември, кога, всушност, истекува формално и мандатот на Катица Јанева на чело на институцијата. Џафери посочил дека процедурално тоа може да се реализира и порано, ама дека треба да се обезбеди двотретинско мнозинство.

На средбата со амбасадорката Брнс, како што информира Џафери, станало збор и за случајот „Рекет“, при што се заложиле за ефикасно и соодветно решавање на овој случај од страна на надлежните институции.

„Работите треба професионално да се следат од надлежната институција која треба да излезе со соодветен заклучок со кој би се заокружил третманот на случајот, во смисла на шпекулации за вклученост на засегнати страни“, вели Џафери.

На новинарско прашање како би се постапило ако за време на собраниската ферија евентуално стигне барање за одземање имунитет на пратеници, во случај на проширување на истрагата за „Рекет“, Џафери рече дека прашањето е хипотетичко, ама посочи дека Собранието, според Уставот, е во постојано заседание.

„Собранието е во постојано заседание. Каде и да се пратениците,  се знае дека треба да се подготвени во соодветно време да се вратат. Ако има потреба, јас треба да планирам со пратеничките групи да имаат информација кој пратеник каде ќе биде за да знаеме во кој рок може да се вратат за да може да имаме соодветна постапка. Во секој случај и да се иницира таква постапка, таа не може да се заврши за пократко од пет дена, затоа што потребно е прво на Комисија да се донесе заклучок,  кој потоа оди на пленарна седница“,  рече Џафери.

Тој информираше дека до Собранието сѐ уште не е поднесен предлог-закон за ветинг што го најавуваше ДУИ. (А.М.М.)