Шилегов забрзано ги поврзува север и југ на Скопје (Галерија)


Булеварот „Никола Карев“ (Пластичарска) сега е проширен и попроточен за сообраќај (Фото: Борис Грданоски)

Заклучување поради корона вирусот и полицискиот час им помогна на градежниците речиси непречено да изведуваат големи зафати. Обновоени се повеќе булевари, се пробиваат нови, се гради и нов широк мост

 

Двата месеци на речиси запрен сообраќај во Скопје поради корона кризата и полицискиот час градоначалникот Петри Шилегов ги искористи максимално за да отвори голем фронт за реконструкција и пробивање на нови булевари. Некои забележуваат дека тоа било несоодветно за кризата во која се најдовме поради опасноста од инфекции, но од Градот Скопје велат оваа ситуација била одлична за изведување на големи градежни зафати затоа што можело да се работи речеиси непречено. И со тоа забрзано да се остваруваат капиталните инвестиции во македонскиот главен град.
Втората фаза од изградбата на новопроектираниот булевар „Босна и Херцеговина“, на потегот од крстосницата со булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ до крстосницата со улиците „Ќемал Сејфула“ и „Бутелска“, почна во понеделникот, а со тоа ќе се формира секундарниот северен прстен околу градот.

Реконструкцијата на булеварот „Босна и Херцеговина“

За реализацијата на втората фаза од изградбата на новопроектираниот булевар „Босна и Херцеговина“ во должина од 1.700 метри и широчина од 40 метри, од буџетот на Град Скопје се издвоени околу 100 милиони денари.

Ова е еден од последните проекти на Градот за проширување и рекострукција на булеварите во Скопје, откако претходно во употреба беа пуштени булеварот „Никола Карев“ (Пластичарска) и „Христијан Тодоровски Карпош“.

„Градежните работи и динамиката на капиталните проекти кои се финансирани од страна на Градот Скопје се одвиваат во зависност од условите на терен, можностите и фазата во кои се наоѓа проектот. Деновиве беа реализирани финалните асфалтирања на проектите кои беа во завршна фаза, поточно на проектите кои генерално беа подготвени за оваа постапка веќе подолг период, но се чекаа поволни временски услови за нивна реализација. Овие неколку недели започнаа финалните асфалтирања на втората фаза од проектот за изградба на бул. ‘Христијан Тодоровски Карпош’, проширувањето на бул. ‘Никола Карев’ (Пластичарска), како и првата фаза од проектот за изградба на бул. ‘АСНОМ’“, велат од Градот за „Независен“.

Булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ што води кон обиколницата (Фото: Б. Грданоски)

 

Реконструираната главна улица во населбата Шуто Оризари ((Фото: Б. Грданоски)

Покрај овие неколку проекти во тек е втората фаза од реконструкцијата на улицата „Индира Ганди“ во Шуто Оризари, изградба на нов кружен тек во Чаир, меѓу улиците „Втора македонска бригада“ и „Кемал Сејфула“, втората фаза од проектот за изградба на бул. „АСНОМ“ (од хотел „Русија“ до кејот на Вардар и изградба на нов мост), најавуваат од Градот.

Во услови на корона криза, кога е намалено движењето на граѓаните, а со тоа и сообраќајот, полесна е изведбата на овие големи градежни зафати, а се погоди и времето.
Реконструкцијата и проширувањето на булеварите, особено во северниот дел на Скопје е дел од планот на градоначалникот Петре Шилегов, кој лани, во интервју за „Независен“ најави дека Скопје мора да се шири кон север, затоа што тоа е и единственото слободно место во градот кој постојано расте.
Шилегов планира и дополнително да го поврзе јужниот со северниот дел на градот, затоа што вели дека имаме само една директна врска север-југ во Скопје и таа, условно, не оди до крај, туку преку Јаја Паша и Бит-пазар завршува во централното градско подрачје, меѓутоа не го пробива коридорот и не го поврзува Водно.

Проширувањето на булеварот „АСНОМ“ (Фото: Б. Грданоски)

 

Изградбата на кружниот тек во Чаир на улицата Кемал Сејфула (Фото: Б. Грданоски)

Дополнително, Градот веќе подолго време работи на изградба на мост преку Вардар во Општина Аеродром и дополнително проширување на булеварот „АСНОМ“.

Имено, изградбата на мостот почна на почетокот на март, а има за цел да ги поврзе трите скопски општини, Аеродром, Гази Баба и Центар и да го олесни одвивањето на сообраќајот во градот. Планот е изградбата на мостот да биде готова за помалку од две години. Вкупната должина на трасата изнесува 400 метри. Самиот мост ќе биде долг 150 метри, со шест коловозни ленти, како и велосипедски и пешачки патеки од двете страни. Вредноста на договорот за изведба на оваа фаза изнесува 365,6 милиони денари, а се предвидува да се заврши во рок од 550 дена. По овој мост ќе сообраќаат и нови автобуски линии кои дополнително ќе го намалат сообраќајниот метеж. Засега, Општина Аеродром, која има најмногу жители во Скопје, со Гази Баба е поврзана само со еден мост за моторен сообраќај, мостот „Близнак“.
Градот Скопје продолжува да гради по план изнаоѓајќи сообраќајни решенија кои ќе обезбедат одржлива урбана мобилност за граѓаните, а тоа ќе значи побрз, поефикасен, побезбеден и поеколошки сообраќај во Скопје,                                 смета градоначалникот. (Б.Б.)