Шилегов: Во Скопје има околу 140 дивоградби, но Градот нема ингеренции


Фото: Б. Грданоски

Градот, за жал, нема ингеренции за дивоградбите, како што неколку пати сум кажал. Анализата покажува дека има околу 140 објекти на територијата на целиот град. Јас само повикувам сите институции да си ја работиме својата работа во рамки на своите обврски, изјави градоначалникот Петре Шилегов, одговарајќи на новинарски прашања на почетокот на реконструкцијата на бул.„Александар Македонски“.

-Она што знам за „Мавровка“, кафулето во сутеренот беше легализирано, веројатно во постапка на обнова, бидејќи изгоре, може да се врати само тоа што  било предмет на легализација и ништо повеќе. Апелирам да не се злоупотребуваат законските прописи и да покажеме дека институциите ги извршуваат со полн капацитет своите надлежности – прво, за да се спречи повторно градежно дивеење на недозволен начин и, второ, да се санкционираат што е можно повеќе луѓе кои недозволиво изградиле објекти, истакна Шилегов, додавајќи дека тоа влијае и на економијата и е некоректно граѓаните кои уредно ги подмируваат давачките да имаат нелојална конкуренција.

Во врска со воведувањето комунална полиција, Шилегов очекува законот во собраниска процедура да влезе по нова година, откако ќе се одблокира работата во Собранието и ќе се формираат собраниски комисии и, како што рече, да се испеглаат разликите со министерството за преземање на ингеренциите.

Во однос на подготвеноста за учебната 2020/2021, скопскиот градоначалник посочи дека ги собираат податоците од училиштата и ги праќаат до МОН, рокот е 10 септември, за да се добие одобрение за настава со физичко присуство. Рече дека согласноста ја даваат комисијата и  здравствените институции, тоа не е одлука на градоначалниците. Прават анкета и колку деца се од  социјално загрозени семејства и ќе најдат модалитет, рече, како да им помогнат со ИТ-опрема и интернет за следење онлајн-настава.