Шилегов: Тротинетот го користам одвреме-навреме, тоа е безбедно превозно средство


Градот Скопје ќе продолжи со субвенции за еколошки возила, како што беше последното за електрични тротинети, а градоначалникот ги охрабрува да го возат ова превозно средство затоа што било многу безбедно.

„Тротинетот ми е тука паркиран во влезот на канцелариите. Го користам одвреме-навреме и ќе продолжиме со таквите акции, а понатаму ќе обезбедиме тротинети и за потребите на администрацијата, за оние кратки релации што ги имаат што комуналните редари, што инспекторите, што луѓето од администрацијата“, рече Шилегов одговарајќи на новинарско прашање дали го користи тротинетот и дали и понатаму ќе ги субвенционира овие возила.

Шилегов, од друга страна нема информации дека на кој било начин се забрануваат електричните тротинети, по најавата за забрана во Лисабон, главниот град на Португалија, борбата на Париз, главниот град на Франција, со електричните скутери.

 

„Напротив, во сите современи градови имате систем кадешто можете да ги изнајмите тие тротинети“, рече Шилегов.

Смета дека електричниот тротиент е безбедно превозно средство, ако се вози по правилата, односно на велосипедските патеки.

„Апсолутно е безбедно превозно средство, ако се придржувате до правилата за велосипедски сообраќај, бидејќи тротинетот е всушност алтернатива, не е автомобилски сообраќај. Ако се движите по велосипедските патеки и ги почитувате правилата, совршено е безбеден“, рече Шилегов.

Средствата за субвенции беа исцрпени во половина ден откако беа објавени, односно беа пристигнати околу 200 барања, информираа од Град Скопје.

Со јавниот повик за субвенции за купување на електрични тротинети, граѓаните на подрачјето на градот Скопје имаа можност да набават електро тротинети, а Град Скопје да ги субвенционира во висина од 30 отсто од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 7. 000 денари со вклучен персонален данок на доход.

Оваа е една од мерки кои Градот Скопје ги презема во насока на промоцијата на мобилностa и алтернативните начини на превоз.