Шилегов: Сликите со преполни контејнери нема да ни се повторат за Велигден


Фото: Б. Грданоски

Немавме проблем со комуналниот отпад и нема да имаме. Состојбата е за еден ден. Се појави еден ден криза и ќе ја надминеме. Од утре состојбата ќе се воведе во нормала и ќе станат минато сликите кои денеска беа споделувани на социјалните мрежи со преполни контејнери. Таквите слики нема да ни се повторат за велигденските празници и покрај тридневниот полициски час, порача скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

-Во тек е интензивно подигање на комуналниот отпад во делови од градот и до вечерва ќе се стабилизира состојбата. До 18 часот беа подигнати околу 780 тони отпад, наместо 300 тони кои редовно се подигаат во викенд деновите во Скопје, рече Шилегов во вечерашната емисија „Топ тема“.

Проценката на Комунална хигиена за овој викенд, нагласи, најверојатно беше погрешна, бидејќи ми рекоа дека во полициски час граѓаните нема да фрлаат ѓубре.

-Основната претпоставка беше дека сите ќе го почитуваме полицискиот час и затоа работвеме во петокот и саботата, а не работевме во неделата, бидејќи очекувавме дека луѓето ќе го фрлат отпадот во понеделник изутрина.Таквата проценка повеќе нема да се повтори и од денеска подигнувањето на сметот ќе биде ставено во нормала, рече Шилегов.

Тој посочи дека голем дел од граѓаните најверојатно го искористиле полицискиот час за викендот за да ги исчистат  своите домови пред Велигден и посочи дека денеска биле подигнати 173 стари фирижидери, многу стари чевли и јакни, болјерчиња, вц шолји,…

-Полицискиот час подразбира дека не треба да излезете и да го фрлите ѓубрето. Ние немавме проблем со комуналниот отпад и нема да имаме. Од вечерва редовно ќе почне да работи и третата смена во Комунална хигиена, рече Шилегов и додаде дека не очекува вакви слики да има во иднина.

Посочи дека и останатите општини во земјава викендов се соочиле со проблеми со комуналниот отпад поради 61-часовниот полициски час воведен за спречување на ширењето на коронавирусот.