Шилегов се пофали дека постигнал рекорд во зелени површини 

Фото: Б. Грданоски

Урнат е рекордот на подигање и возобновување на зелените површини во пресрет на есенското садење во градот. Сега имаме над 117 илјади метри квадратни ново зеленило во Скопје, информира денеска градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Досегашниот рекорд, како што рече Шилегов на прес-конференција, бил 100 илјади, и очекува оваа количина или кванититет на зеленило, имајќи во предвид дека влегуваме во есенски период од годината, да биде сериозно надминат.

Градоначалникот појасни дека станува збор за повеќе зелени површини возобновени и воздигнати како што е новиот парк во Железара на потегот на Коцеметалец во површина од 4.460 метри, зелен коридор на булеварот „Никола Карев“ односно „Пластичарска“ од касараната „Илинден“ до раскрсницата „Детелинка“, нов зелен коридор кај клучката „Детелника“ во површина од 11.638 метри квадратни, ново булеварско зеленило на новотворениот булевар „Асном“ во површина од 13.498 метри квадратни, ново булеварско зеленило на новиот булевар „Христијан Тодоровски Карпош“ во површина од 5.917 метри квадратни, зелен плоштад меѓу булеврите „Христијан Тодоровски Карпош“ и „Крсте Арсенов“ во површина од 6.608 метри квадратни, парк кај улица „Цетинска“ во површина од 2.000 метри квадратни, парк во Сарај во површина од 1.500 метри квадратни.

На ова, како што појасни Шилегов, треба да се додадат и поранешните депонии во Мичурин и Кисела Вода, во вкупна површина од околу 18.000 метри квадратни како и активностите кои ги работи Градот низ општина Карпош за подигнување на третиот дел од градскиот парк во површина поголема од 60.000 метри квадратни.

-Исто така треба да се споменат и ЈП „Паркови и зеленило“ кои само во периодот на пандемија возобновија нови 47.000 метри квадратни со вонреден ангажман во вонредни услови. Кога бевме во кампањата зборувавме со нашите сограѓани за ново зелено Скопје, од ден на ден, чекор по чекор секој ден зеленилото се зголемува зеленилото добива на нов квалитет, квалитет каков што заслужуваат нашите граѓани, рече Шилегов.