Шилегов сака Скопје да е зелен град


„Во мојата визија Скопје го гледам како зелен град со многу повеќе внимателно распоредени зелени површини, повеќе функционални јавни простори, сообраќај планиран на начин што ќе обезбеди одржлива урбана мобилност и комунална инфраструктура која ќе биде целосно во функција на обезбедувањето на чиста и здрава животна средина, изјави градоначалникот Петре Шилегов на отворањето на Share конференцијата во Скопје, во Националната филхармонија.

Тој пред архитектите и пред јавноста вети дека ќе се залага Скопје да се развива и шири на начин што ќе го релаксира притисокот од претераната урбанизација на јужниот дел од градот, на сметка на рационалното користење на неискористените слободни површини во северниот дел од градот.

„Верувам дека до 2022 година, кога истекува важноста на постоечкиот ГУП, имаме доволно време да ги вклучиме сите засегнати страни во изработката на новиот ГУП на начин што ќе обезбеди гаранција дека се сериозно лимитирани можностите за пропусти при носењето на деталните урбанистички планови и другата планска документација од понизок ранг. Оттука верувам и дека ќе се отворат можности со новиот ГУП да обезбедиме и услови да се продолжи со деталното планирање на градот на начин што сериозно ќе го унапредува квалитетот на живот на нашите сограѓани“, кажа Шилегов.

Тој додаде дека од позиција на градоначалник се залага за рационално, контролирано и функционално ширење на Скопје во насока на обезбедување одржлив развој; визионерско планирање на сообраќајната инфраструктура, како основен елемент во просторната комуникација; соодветно планирање на комунална инфраструктура, посебно од аспект на инфраструктура за прифаќање со селектирање, рециклирање и депонирање на цврст и друг отпад; како и реконструкција на изградените простори и блокови во простори со повисок комунален и амбиентален стандард.