Шилегов: Правиме се во најкус рок правно да ја расчистиме трасата на булеварот „АСНОМ“
Паушални се проценките дека Градот не нуди доволно средства за откуп на објектите во скопската населба Керамидница за правно да ја расчисти трасата што треба да се реализира во третата фаза од изградбата на булеварот „АСНОМ“, порача денеска градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов.
-Не верувам дека е некој незадоволен од цената што ја нудиме за експропријација. Вчера и завчера имав средба со граѓани од Керамидница, а и денеска имам средба со трета група на граѓани од таа населба. На средбите говориме за просечна цена од околу 800 евра по квадратен метар станбен простори и околу 8.000 денари за квадратен метар дворно место. При тоа, како Град имаме волја да помогнеме да им ги забрзаме постапките за легализација и откуп на земјиште со цел да ги доведеме во правна позиција да можеме да склучиме договори за експрорпијација, рече Шилегов во одговор на прашање при денешната посета на средното училиште „Михајло Пупин“.
Тој нагласи дека се работи и на изнаоѓање на определени методологии со цел да не се оштетат граѓаните на Керамидница, а при тоа во најкраток рок да се реализира коридорот кој е неопходен за развој на Градот.
Посочи дека до крајот на годинава треба да заврши првата фаза од реализацијата на булеварот „АСНОМ“ по што ќе почне втората фаза, односно изградбата на мостот преку Вардар.