Шилегов: Понудивме оставки за да го елимираме простотилукот и фашизмот што го промовираше ВМРО-ДПМНЕ

Градоначалникот на Град Скопје и довчерашен потпреседател на СДСМ вели дека тој и неговите другари потпретседатели во СДСМ, понудиле оставки на позицијата за да креираат внатрепартиски политики коишто ќе веривикуваат идна победа на парламентарните избори со цел во Македонија конечно да го елиминираме простотилукот, примитивизмот и фашизмот што го промовира ВМРО-ДПМНЕ во последните 15 години.

„Прво би сакал да ги разликуваме поимите разрешен, сменет и дадена оставка. Јас заеднно со другите другари, потпретседатели на СДСМ, во текот на минатата недела ги понудивме нашите оставки и вчера Централниот одбор ги прифати тие оставки. Второ, уште пред седницата на Централниот одбор вчера, јас истакнав дека наша задача како луѓе е победата којашто ја имаме на претседателските избори и да креираме внатрепартиски политики коишто ќе веривикуваат таква идна победа на парламентарните избори со цел во македонија конечно да го елиминираме простотилукот, примитивизмот фашизмот што го промовира ВМРО-ДПМНЕ во последните 15 години“, рече Шилегов одговарајќи на новинарско прашање на почетокот на реконструкцијата на улицата „Димитрие Чуповски“.

Прашан дали ќе даде оставка од функцијата градоначалник на Скопје, тој рече дека оставка даваат луѓе со интегритет, а политички интегритет покажале сите кои дале оставка од партиската функција.

„Во политиката ништо не е вечно, како дојдовме така е, логично, во еден даден момент да си отидеме. Ако добро ги следите, а би сакал добро да ги следите политиките кои ги креирав и стратегиите коишто ги креирав во изминатава една и пол година од како сум градоначалник, ќе видите и ќе знаете што сѐ Градот работи на изминатава година. Креирањето на тие политики и реализирањето на тие политики се нешто што допрва следува“, рече Шилегов.

Инаку, вчера на седница на Централниот одбор на СДСМ, според одлуката, разрешени се Александар Кирацовски, генерален секретар, Миле Зечевиќ организациски секретар, Дане Талевски, меѓународен секретар, Цветанка Ласкова координатор на Форумот на жени и шесте потпретседатели Фросина Ташевска Ременски, Оливер Спасовски, Петре Шилегов, Благој Бочварски, Дамјан Манчевски и Мухамед Зекири.(Б.Б.)