Шилегов најавува катни гаражи во Чаир за да нема непрописно паркирани автомобили


Фото: Б. Грданоски

Прашан за проблемот на пешаците и велосипедистите во Чаир, кои немаат каде да поминат затоа што тротоарите се полни паркирани автомобили, а неретко ги има и на првата коловозна лента, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, вели дека се трудат да ги отстраната урбанистичките аномалии, на пример со изградба на катни гаражи.

– Во Градот Скопје поминаа два урбанистички плана од страна на Општина Чаир во коишто се предвидуваше изградба на катни гаражи, дел во населените места, дел позади „Пластичарска“, така што јас верувам дека со таквото добро урбанистичко планирање коешто го воведуваме како стандард, полека ќе почнеме да го надминуваме проблемот со недозволено паркираните возила, особено во оној дел што е дефиниран како јавен простор, простор за алтернативен сообраќај, не автомобилски, значи велосипеди и пешаци. За жал, аномалиите во урбанистичкото планирање во нашиот град се присутни повеќе од триесет години – рече Шилегов на денешната прес-конференција, по повод засадувањето дрворед на булеварот „АСНОМ“ во Аеродром.

Како пример го наведе и потегот во Аеродром, од „Цементарница“ кон „Железара“, по булевар „Србија“, каде има булевар без тротоар од десната страна, а тоа нова е населба која би требало од почеток да биде урбанистички добро поставена.

– Лошата изведба придонесувала некои стандарди да бидат сериозно намалени. Сега полека ги исправаме тие аномалии, но само три години се во прашање – рече Шилегов.

Инаку улицата „Пластичарска“ или „Никола Карев“, неодамна беше реконструирана. Веднаш по асфалтирањето и бележењето, неколкупати полицијата поминуваше и отстрануваше непрописно паркирани автомобили, но навиките тешко умираат.

Со оглед на тоа што улицата е полна продавници за теписи, бела техника, опрема за кујни и бањи, купувачите кои пазаруваат таму, автомобилите ги оставаат на тротоарот пред продавницата, со што тротоарот е непрооден за велосипедисти и пешаци, кои мора да се симнат на коловозот. Слична е сликата и покај Бит пазар. Но, проблемот не е сегашен. Дали оваа градска гарнитура ќе успее да го реши, останува да видиме.(Б.Б)