Шилегов: Јавното обвинителство и Инспекторатот за животна средина не си ја работат работата


Фото: Б.Грданоски

Главниот градски инспектор Мирослав Богдановски ги презентирал доказите за несоодветен третман на медицинскиот отпад во Дрисла пред Јавното обвинителство уште на 13 декември кога го пријавил незаконското дејствување, но не му било побарано и да ги достави. Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов денеска вака му одговори на Јавнот обвинителството кое претходно издаде наредба до Единицата за економски и компјутерски криминал од мобилниот телефон на главниот инспектор во Град Скопје да бидат земени снимките што ги снимил во Дрисла во декември. На забелешката од обвинителството дека до нив не се поднесени докази за случајот со фирмата „Еко клуб“, Шилегов рече дека ниту оваа институција, ниту пак, Државниот инпекторат за животна средина не си ја вршат работата и дека доколку тој им е надреден, денеска нема да работеа како обвинител, ниту како инспектор.

Шилегов информира дека Богдановски снимката ја направил на 10 декември на полноќ на која се гледа неистретиран медицински отпад. Истата снимка била предадена на обвинителството на 13 декември, кога бил составен и записник со изјава на градскиот инспектор што има во таа снимка. Дополнителни докази, вели Шилегов не им биле побарани.
„Институциите да си ја работат работата, бидејќи изминаа 50 денови откако им беа предочен и незаконските работи на „Еко клуб“, а од нив немаше никакви реакција. Ние на крајот на јануари се обративме со допис до Јавното обвинителство и повторно им приложуваме ЦД од снимката. Бидејќи немаше никаква реакција случајот го обелоденивме во јавност“, вели Шилегов.
За него однесувањето на овинителството и инспекторатот е неприфатливо и смета дека инсталацијата морала да биде запечатена веднаш по пријавата на Богдановски.
„Симптоматично е што само два дена по пријавата Државниот инспекторат направил контрола и констатирал дека се е во ред. Дали на 11 декември се чистел тој отпад?“, праша Шилегов.
Во Дрисла во моментот медицински отпад носат уште три овластени фирми. Тие, според информациите на градските власти, работат согласно со протоколите. Медицински отпад е дозволено да се депонира на градската депонија како комунален, но по соодветна термичка обработка и стерилизација. (С.Н.)