Шилегов ја прекина наградата за фотографии „Седи дома“


Фото: Б. Грданоски

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов одлучи да ги сопре паричните награди за кампањата „Седи Дома“, за да нема партиски препукувања.

Тој во интервју за „Фактор“ вели дека првичната идеја на кампањата била да се стимулира седењето дома и креативноста на луѓето преку доделување 6.000 денари за најдобра фотографија од домовите на граѓаните еднаш дневно, во период од 30 дена.

– Вкупниот фонд за оваа кампања беше симболични 3000 евра, но заради некои реакции во јавноста кои повеќе од очигледно беа мотивирани од нечесните намери на луѓе од опозициските редови одлучивме да продолжиме со изборот на најдобра фотографија, но да ги укинеме паричните награди – вели Шилегов.

Додава дека на добитниците на награди во првите неколку дена средствата ќе им бидат исплатени, но за да не оставиме простор една ваква убава кампања да биде злоупотребена за дневнополитички препукувања со опозицијата, одлучиле да го прекинат ваквиот вид на стимулирање на граѓаните да останат дома.

Најави друг вид на стимулации, но сега за сега подобро е да останат изненадување за граѓаните.