Шилегов: Изјавата на Захариева за Тито е глупост

„Изместувањето на тезите е всушност барање алиби за глупоста. Секоја глупост последователно бара алиби. Изјавата на Захариева е ништо друго освен глупoст. Град Скопје во рамките на одбележувањето на 13 Ноември, кој е значаен ден во нашата историја, организираше изложба од поставката за Јосип Броз Тито“, рече Шилегов.

Одговарајќи на прашање на водителот од кого било ослободено Скопје на 13 ноември 1944 година, Шилегов кажа дека градот во 1941 бил окупиран од царската бугарска војска, а во 1944 бил ослободен од партизанската единица од НОБ на Македонија.

„Бугарија била соработувач со фашистичка Германија. Бугарската војска во Македонија поради сплет на околност се трансформирала. Мојот град загубил 5.000 жители од администраторите, како што вие ги нарекувате. Јас разбирам дека Бугарија е во предизборие, но мора да внимаваме на чувствата на соседите. Замислете, ние во кампања да користиме антибугарски позиции, недозволиво е. Зар мислите дека е дипломатски да кажете дека моите корени се бугарски, а јас тоа не го чувствувам така“, вели Шилегов.

Градоначалникот кажа дека не треба да се заборави на Договорот за добрососедство постигнат меѓу двете држави во 2017 и дека националната припадност и јазикот се работи за кои ниту една држава не преговара.

Бугарија не даде знак дека утре ќе овозможи отворање на пристапните преговори меѓу Северна Македонина и Европската унија (ЕУ), но и да има придвижување на релација Скопје – Софија, усвојувањето на преговарачката рамка е невозможно поради форматот на министерскиот состанок.

Имено, Советот за општи работи на ЕУ ќе се одржи како видео-конференција поради вториот бран на ковид пандемијата, и, како што објаснуваат дипломати од ЕУ, правилникот за ваков формат на средби не дозволува носење одлуки како таа за преговарачката рамка со Северна Македонија.