Шилегов: Градскиот инспекторат со рекордни резултати во 2019 година


Постапувањето на комуналната инспекција по барања на граѓани е зголемено за 134 проценти, односно од 82 барања во 2018 година на 192 барања во 2019 година. За 237 отсто е зголемен контролниот инспекциски надзор на комуналните инспектори (во 2018 година – 92, а во 2019 година – 310 контролни надзори). Во 2019 година се изречени 127 платни налози, што е за 807 проценти повеќе во однос на 2018 година (14 налози). Процесирани се 115 барања за поведување прекршочна постапка во 2019 година, што е за рекордни 1.177 проценти повеќе во однос на 2018 година (9 акти), соопшти денеска градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, осврнувајќи се на работата на Градскиот Инспекторат.

Истакнувајќи ги рекордните позитивни резултати на секторот, тој посочи дека зголемена реализација на активности бележи и Одделението за комунални редари.

– Во 2019 година се поднесени 1.120 барања за прекршочни постапки, што е за 77,7 отсто повеќе во однос на 2018 година. Во 2019 година се изречени 72 мандатни казни, а во 2018 година 31, што е зголемување за 132 проценти, наведе градоначалникот.

Шилегов потенцираше дека Инспекцијата за животна средина во 2019 година извршила 274 редовни инспекциски надзори, односно 117 проценти повеќе од 2018 година. Во 2019 година вонредните инспекциски надзори се зголемени за 300 отсто во однос на 2018 година, односно, во 2019 година спроведени се 49 инспекциски надзори, а во 2018 година – 12. За 300 проценти зголемен е и вонредниот инспекциски надзор со акредитирана лабораторија, односно во 2019 година имало 12 надзори, а во 2018 година – три.

– Инспекцијата за патен сообраќај во 2019 година извршила 271 редовен инспекциски надзор, што е 134 проценти повеќе од 2018 година. Зголемен е и бројот на контролни инспекциски надзори за 66 отсто и вонредни инспекциски надзор за 600 проценти во однос на 2018 година, образложи Шилегов.

Градоначалникот истакна дека во изминатиот период биле фокусирани на зголемување на инспекциските контроли во сите области, со цел подобрување на животната средина и квалитетот на воздухот и решавање на дел од сообраќајниот хаос со посебен акцент на непрописното паркирање и паркирањето во зелени површини.

– Инспекторатот на Град Скопје е прва институција од ваков вид во нашава држава која е достапна за граѓаните 24 часа дневно и е целосно транспарентна во својата работа. Воведовме 24 часовно дежурство на комуналните инспектори. Вршиме секојдневни контроли на градилиштата, на подземните контејнери, спроведуваме акции во соработка со МВР за отстранување на нелегални продавачи на Бит-пазар, на Зелениот пазар, пазарот во Ченто и пазарот „Буњаковец“, на улицата Македонија, на плоштадот „Македонија“ и на други локации. Успешно ја спроведовме првата кампања за собирање остатоци од берба на стрништата, а беа изречени и казни за палење стрништа. Минатата 2019 година, Секторот Инспекторат на Град Скопје бележи зголемување на обемот на работа на сите видови инспекции, рече Шилегов.

Раководителот на Секторот Инспекторат на Град Скопје, Мирослав Богдановски, посочи дека во последниве две години е направена целосна прераспределба на сите инсталации што се во надлежност на Градот, а зголемен е и бројот на инспектори за животна средина, од четири на осум инспектори.

– На наше инсистирање беше сменет правилникот за граничните вредности за дозволените нивоа на емисии и видови на загадувачки супстанции во отпадните гасови и пареи кои ги емитираат стационарните извори во воздухот без кој во минатото им биле врзани рацете на инспекторите, но повеќе од 11 години никој не потегнал иницијатива за негова измена. Исто така, поднесовме и иницијатива за носење Закон за комунална полиција на територијата на град Скопје. Го зголемивме буџетот за годинава наменет за акредитирана лабораторија од 500.000 денари на 1,2 милиони денари со што инспекторите на располагање имаат зголемен број на мерења, потенцираше Богдановски.

Тој наведе дека со измената на правилникот, што влегла на сила на 11 ноември, досега имаат повеќе од 22 вонредни мерења и околу девет надминувања на граничните вредности и истите ќе бидат санкционирани.

– Го зголемивме бројот на возила од три на осум што се неопходни за брза и ефикасна реакција. Добивме и донација од УНДП – два дрона целосно опремени со термални камери и камери за ноќно снимање што ќе придонесат за откривање и лоцирање потенцијални загадувачи, рече Богдановски.

Тој додаде дека Инспекторатот има одлична соработка со Амбасадата на САД во нашава земја која за нивните потреби донела федерален инспектор за животна средина кој заедно со градските инспектори на терен вршеле инспекциски надзори, спроведувале контроли и разменувале искуства за начинот и постапките на контролирање. Договорено е соработката да продолжи и во иднина, со слични активности.