Шилегов до ДУИ: Не зборувајте за Обама, туку за неасфалтираните улици во Чаир


Криењето на сопствената неспособност зад Обама, не е ништо друго освен потврда на тоталната неспособност да се справите со вистинските проблеми на граѓаните. Особено во Чаир, коментираше синоќа на фејсбук скопскиот градоначалник Петре Шилегов, набрзо откако на скопско Кале осамна светлечката реклама на ДУИ за прв премиер етнички Албанец во Северна Македонија.

Во статусот на Шилегов не се спомнува експлицитно ДУИ, ама спомнувањето на претходниот американски претседател Барак Обама и посочувањето на Чаир, како општина со која цело време локалната власт е кај интегративците, упатува на тоа дека скопскиот градоначалник алудира на паролата „Зошто да не?“ испишана на албански јазик, со светлечки букви, на Кале.

„Не им зборувајте за Обама. Зборувајте им за неасфалтираните улици, немањето водовод и канализација. Субстандардните услови на живеење. Во 21 век. Во општина што “обамовски” ја водевте и ја водите. Евтини се приказните. Па макар и Обама да ги “раскажува”,напиша Шилегов.