Отворањето на изложбата „Сè што ни е заедничко“ во МСУ ќе може да се погледне со кустос водич
Вечерва, во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје, се
отвора шестата по ред меѓународна изложба „Сè што ни е заедничко“.
Кураторкa на изложбата е Јованка Попова.
Уметници чии дела ќе бидат изложени на поставка се: Дарко Алексовски
(С.Македонија) , Мерием Бенани (Мaроко/САД) и Ориан Барки
(Израел/САД), Јакуп Фери (Косово/Холандија), Игор Грубиќ
(Хрватска/Италија), Капвани Киванга (Канада /Франција), Илија
Прокопиев (С. Македонија/Словенија), Зорица Зафировска (С.Македонија),
Дриант Зенели (Албанија/Италија) и Лана Чмајчанин (Босна и
Херцеговина/Австрија).
На самото отворање ќе присуствуваат уметниците Игор Грубиќ, Јакуп
Фери, Дарко Алексовски и Зорица Зафировска, а кустос водичот Бојана
Јанева ќе има музејска тура за присутните посетители.
Фокусот на уметниците, пресликан во делата е потрага по заемни мрежи
на поддршка, исклучително потребни во состојби на општа несигурност,
со намера да го отстранат прекаријатниот општествено конструиран
дискурс и неговите манифестации во контекст на глобалните сегашни и
историски неправди.
„Изложбата третира теми од низа историски и современи случувања,
вклучувајќи глобални конфликти, родова експлоатација, колонијализам,
расизам, нехуман третман кон мигрантите, суровост врз животните,
здравствени кризни состојби, индивидуални и колективни состојби на
кршливост и кревкост. Ставен е нагласок на тоа како овие настани,
процеси и ситуации продуцираат нееднаква динамика на моќ, насилство и
штета врз маргинализираните, но и потреба да се најде начин за излез
надвор од рамките на личното и политичкото затвореништво“, вели
кураторката Попова.
Изложбата го нагласува и сомнежот кон апсолутизмот на
антропоцентризмот како масовно моќен концепт, а и кон специфичните
истории на неправди што ги крие. Политички и чувствено ги открива
сложените вкрстени мрежи на ранливост и вина што постојат меѓу нас,
другите видови и меѓу луѓето од минатото, сегашноста и оние кои допрва
доаѓаат.
Во она што се нарекува шок од антропоцентричност, уметниците
размислуваат за генерирање на нови политички аргументи, нови наративи,
нови јазици и нови начини на уметничко ангажирање, за итно
преиспитување на човечкиот и нечовечкиот живот надвор од
воспоставените стандарди за вреднување и однесување.
Како резултат на тоа, изложбата има за цел да го истражи
„колаборативниот опстанок“ развиен преку уметнички дела во кои
антропоцентричното размислување се помирува во имагинација и наратив
за преживување, следејќи различни форми на поврзување, зависности и
симбиози за заемно спасување.
Истовремено, ја испитува грижата како интимна врска што ги вкрстува
социјалното и политичкото, субјективноста и солидарноста во рамките на
емоциите, политиката, екологијата и заедницата.
По отворањето со диџеј сет ќе настапи Мартина Пенева.
Изложбата е финансиски поддржана од Министерство на култура на
Р.С.Македонија и Тиквеш.