Шест нови членови во Друштвото на писателите на Македонија
Шест македонски автори ќе бидат зачленети во Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) кое на 13 февруари ќе одбележи 75 години постоење.
-Се работи за автори кои добиле некоја од престижните книжевни награди и кои веќе се здобиле со сериозна писателска репутација. Поканата за членство во ДПМ во оваа пригода ја прифатија: Владимир Јанковски, Румена Бужаровска, Елизабета Баковска, Јовица Ивановски, Снежана Младеновска-Анѓелков и Никола Маџиров. Се радуваме и го поздравуваме нивното зачленување во ДПМ и очекуваме нивната понатамошна активност да донесе дополнителен квалитет и креативна разнообразност во дејствувањето на асоцијацијата, соопшти ДПМ.
Друштвото наведува дека неговото Претседателство во рамки на свечените активности одлучило да покани во асоцијацијата неколкумина истакнати книжевни творци, чии дела веќе доживеале рецепција и валоризација и во домашната и во странски средини.