Шест месеци живот во политичка хипноза


Вчерашниот неделен ден беше еден од ретките во последно време во кои во јавноста не се појавија лидерите на двете најголеми партии во земјава, Зоран Заев и Христијан Мицкоски. Тие, секако, беа активни по социјалните мрежи од каде што порачаа дека сме на „правиот пат“, односно дека е „готов и доаѓа обновата“.
Нивните пораки се огледало на кампањите што партиите со кои што раководат ги спроведуваат на терен, иако до закажаните избори има уште речиси половина година. Машинериите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ се вклучени на најјако, тие секојдневно се активни низ градовите во земјата, на улиците, во штабовите, обидувајќи се да ги испратат нивните пораки до што е можно поголем број граѓани. Но, она што ја загрижува јавноста е сѐ понагласената нервоза и тензија кај политичарите и во партиите и тоа додека официјалната кампања воопшто не започнала, поради што се поставува прашањето каков формат на борба ќе имаме во периодот пред самите избори?


„Кампањата одамна е почната и тоа на големо. Самите партии почнаа да организираат политички собири во комплетен изборен амбиент, со огномет, скандирања, со вклучување на сиот партиски арсенал што е исклучително разочарувачки, бидејќи се случува сега, на шест месеци до изборите. Тоа ми кажува дека половина година ќе живееме во тензии, нема да можеме да бидеме продуктивни, да си ги вршиме работните задачи, затоа што политичката контаминација ќе се отслика врз целокупниот секојдневен амбиент на живеење“, вели универзитетската професорка Јасна Бачовска.


Таа очекува да бидеме сведоци на кампања во која ќе доминираат црнилата,а ќе отсуствува толеранцијата, во која ќе нема место за национална дебата и во која ќе се апстинира од општествениот консензус за влез во Европската унија и во НАТО.
„Недобивањето датум за старт на преговорите со ЕУ несомнено предизвика политичка криза. Влогот беше преголем, зборувам за промената на името на државата и сега гледаме дека повторно се разбудија некои ретроградни сили. Поради целиот товар, не очекувам промена на курсот на партиите со доближувањето на датумот за гласање. Напротив. За жал, сета поделеност ќе се манифестира врз граѓаните и јас сум за нив загрижена“, нагласува Бачовска.
Професорката Снежана Трпевска од Институтот за истражување на општествениот развој (Ресис) смета дека е очигледно оти кај граѓаните постои огромно разочарување од начинот на кој што партиите ги водат политиките, а недовербата особено расте кон нив додека се на власт.


„Во тој јавен дискурс во политичката дебата доминира сѐ, а најмногу искривувањето на вистината и немањето кредибилитет во искажувањето ставови од аспект на тоа дали сте на власт или во опозиција. Не може доколку сте биле на едната страна, а претходно на другата, да се однесувате како тоа време да не постоело. Ако не сте работеле добро и чесно додека сте биле на власт, сега да напаѓате од опозиција или обратно: од опозиција да критикувате без скруполи, а на власт ништо да не промените, не водејќи сметка дека луѓето паметат што сте зборувале и како сте работеле. Сметам дека токму тоа доведе до огромно ниво на недоверба и апатија. Едно ново истражување чии резултати сѐ уште не се објавени, а јас имав можност да ги интерпретирам, покажува оти кај граѓаните има многу ниско ниво на мотивираност во политичката партиципација. Едноставно, не веруваат дека ќе променат нешто, не веруваат во ништо, а најмалку во политичките партии“, потенцира Трпевска.
Според неа, ние живееме во општество во кое постои нагласен политички паралелизам што значи дека партиите ги завладеале сите сфери, но, за жал, имаме најмалку владеење на правото и најмалку избор на способни поединци, иако имаше најава за професионализација на институциите.
„Чувството на недоверба и на апатија е засилено во последните две – три години поради општото разочарување од неисполнетите ветувања и очекувања дека темелно ќе се смени начинот на кој што се води државата, а тие што се сега на власт нема да се однесуваат идентично како претходните. Лично очекувам во кампањата, што официјално не е почната иако ние сме постојано во неа, да се засили таа манипулативна реторика, бидејќи никому воопшто не му е важно да ја каже вистината, туку да се добие впечаток оти некој ја кажува вистината. Во таква ситуација, граѓаните ќе бидат цел на ширење на такви информации, дезинформации, лаги и манипулации“, констатира Трпевска.
Во отсуство на првите луѓе, партиите и вчера си разменија по неколку соопштенија, полни со обвинувања и напади. Темите беа земјоделците, предизборните вработувања, корупцијата, криминалот, правната држава…

Горан Адамовски