Шест биса за Карерас во Охрид. Како ќе биде во Скопје?
Фолк, поп и оперски арии ќе се измешаат вечерва на Плоштад Македонија, во рамки на прославата за 35 години независност на Македонија, настан кој „Авалон продукција“, го организира заедно со Владата и најавен како „еден од најголемите музички проекти во историјата на Македонија“. Програмата стартува од 20 часот, прво со настап на македонскиот „дрим тим“ во состав: Влатко Стефановски, Каролина Гочева, Калиопи, Ана и Игор Дурловски, Наум Петрески, Сузана Спасовска, Маја Оџаклиевска и Миле Кузмановски. Настапот на славниот шпански тенор Хосе Карерас, кој по 21 година се враќа со концерт во Македонија, е оставен за крај, со времетраење од еден час. МТВ ќе врши директен пренос.

Колку ќе се плати за Дејвид Гета, Хозе Карерас и останатите настапи од државниот буџет, ќе биде кажано дури по објавувањето на сите настани.
Манифестацијата „35 години независност на Македонија“ , во режија на Дејан Пројковски, започна на 2 Август – Илинден во Битола. Музичко-сценскиот караван „Силно светнал ден“ тргна од Охрид на 9 август и помина уште 10 градови. Преку музика, глума и танц, во форма на мултимедијален сценски спектакл беше раскажана приказната за 35 години независност на земјава, истакнувајќи ги најзначајните историски моменти, подеми, предизвици и достигнувања од изминатите три и пол децении.
Кулминација ќе биде последниот перформанс на 4 септември на Плоштадот „Македонија“ во Скопје, на кој ќе настапат повеќе од 120 уметници. Музичкиот дел од одбележувањето завршува на 8 септември со настапот на светскиот диџеј Дејвид Гета на скопскиот стадион „Тоше Проески“.
Охридско лето „пред и по“ Карерас
„Охридско лето“ и македонската јавност ќе го памети неговиот концерт на 12 јули 2005 година, на отварањето на 45. издание, како најголем гала концерт дотогаш во Македонија. Со него настапи сопранистката Тина Гориа од Шпанија, Македонската филхармонија и диригентот и негов внук, Давид Хименез. Влегувањето во Античкиот театар, се сеќавам како новинар од настанот, беше драматично, со река гости, од двете порти, и невидено полициско обезбедување. По неколку часа, се наполни до последно место и покрај скапите влезници, со фанови и околу театарот и од балконите од околните куќи. Гала настанот ќе се памети и по најголемата концентрација на ВИП гости од земјата и од регионот, дотерани како во Милано или Њујорк, со скапи високи чевли на Маноло Бланик кои одзвонуваа по охридските калдрми. Со богата програма од 9 соло песни, два дуети, италијански и шпански песни, канцонети, и сарсуели , Карерас ја воодушеви 3, 500 илјадната публика. Дел од публиката беа и високи функционери – претседатели и премиери од балканските земји. Тие му беа гости на македонскиот претседател Бранко Црвенковски, кој беше покровител на „Охридско лето“.
„Концертот на кој присуствуваме е секако културниот настан на годината, но и потврда на тоа дека иако во светот има мали земји, мали култури нема“, рече Црвенковски на отворањето на Фестивалот, во далечната 2005 година.
Карерас во Охрид шест пати беше враќан на бис, восхитувајќи му се на „живата оперска легенда“, особено познат како член на легендарните „Три тенори“, заедно со Пласидо Доминго и Лучијано Павароти.
Карерас во Охрид настапи со Тина Горина, сопран од Шпанија. Таа беше второто изненадување, а нејзиниот настап, со долги аплаузи беше еднакво вреднуван како и оној на Карерас.
Славниот тенор тогаш пристигна во Охрид два дена пред концертот, со приватен авион, а за генералната проба имал посебно барање, да нема публика на Антички. Официјалната историја на Охридско лето го споменува неговиот концерт , рамо до рамо со најзначајните гала настани во историјата на фестивалот, и почна да се вреднува како „Охридско лето пред и по Карерас“.
Интересно е што годинава, при отварањето на 66. Охридско лето, претседателката Гордана Силјановска Давкова токму за неговиот настап се присети со зборовите дека „кога Ростропович го распеал и го расплакал своето виолончело во градот на Свети Климент и
Наум, а Карерас, небаре Орфеј ги предизвикал птиците, нивните настапи не им го одзеле само
здивот на присутните, туку се слеале во езерските бранови, се соединиле со звуците на
црковните ѕвона и проструиле низ Самоиловите тврдини, раскажувајќи приказни“.