Шербеџија денес слави: Влатко Стефановски меѓу бројните гости на Бриони


Хрватска– Актерската легенда, поетот, писателот и музичарот Раде Шербеџија, прослави 74 години, а денес слави 20 години од театарот „Улисес“ со голем концерт на Мали Бриони. Заедно со него настапуваат бројни гости од Хрватска и од регионот: Габи Новак и Матија Дедиќ, Дарко Рундек, Дамир Урбан, Најгел Озборн, нашиот Влатко Стефановски…

 

Публиката ќе ја следи програмата од бротчиња во заливот , а во живо на големо платно ќе се јавуваат и пријатели на театарот од целиот свет.

Веќе 20 години Раде ( кога не снима во Холивуд) и неговата сопруга, режисерката Лена Удовички, секое лето  го „оживуваат“ театарот  на Бриони, со легендарни претстави и гости, респектабилен во регионот и пошироко.

Шербеџија, голем пријател на Македонија и со македонско државјанство,  во јуни, во издание на „Croatia Records“ објави Blu Ray Disc од концертот со наслов „Već sam ti pričao“. Концертот беше одржан лани во престижното Хрватско народно казалиште, па оттаму и наслов „RadeŠerbedžija&Zapadnikolodvorband @ HNK Zagreb“.

Како бонус материјал на Blu Ray Disc (со 21 песна) и на CD (17 песни), на актерската легенда, се наоѓа и парче од Македонија- снимка од последната „Златна Бубамара на популарноста“.

На неа Шербеџија, придружуван од Влатко Стефановски, ја исполнува антологиската „Ostala si uvijek  ista“, од репертоарот на Мишо Ковач. Тогаш Раде ја прими интернационалната „Златна Бубамара“ за животно дело.

Што се однесува до самиот концерт во ХНК, тој секоја година е традиционален. И, како што вели публиката – е за паметење. Особено, бидејќи на таа сцена Шербеџија низ децениите наназад брилјираше во многу антологиски улоги и претстави.