Шекеринска: Законот за ЈО стапи во сила, сега следи прочистување на судството


Со Законот за ЈО кој денеска стапи на сила, и со другите закони кои се усогласија со препораките на Венецијанската комисија, сега првпат имаме шанса. Предвидуваме целосна проверка од страна на соодветни институции на имотот и потеклото на имотот на сите судии и обвинители, оти знаме дека нешто кај некои обвинители и судии навистина не е логично, најави  заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска во синоќешното гостување на ТВ21.
Во однос на законот за ЈО таа додаде дека граѓаните можеа да видат колку долго траеше тој процес во Собранието и колку тешко беше да се дојде до дветретинско мнозинство.
-Една цела пратеничка група, која практично за пари дадени во кампања требала да испорача блокирање на Законот. И знаете колку енергија, колку преговори од страна на  премиерот, од министерот за правда имаше за да дојдеме до закон којшто ќе го добие и европскиот печат, и којшто ќе обезбеди шанса за правна држава, истакна Шекеринска.
Меѓутоа, како што рече, тоа е се уште само закон, ќе биде почеток на она што и треба на државава, а тоа според неа е сериозно прочистување и поголема транспарентност во судството.
-Предвидуваме целосна проверка од страна на соодветни институции на имотот и потеклото на имотот на сите судии и обвинители, оти знаме дека нешто кај некои обвинители и судии навистина не е логично. И она што е важно, уште во претходниот период успеавме да обезбедиме ЕУ да ги набљудува, да ги мониторира случаите за висока корупција и криминал, додаде таа.
Според Шекеринска, градоначалникот на Охрид покажал дека кога имаш политичка волја да не прогледуваш низ прсти за никој и законот да важи за сите, можни се резултати.
-Погледнете градоначалникот на Охрид со какви притисоци се сочува, само заради тоа што кажа кој со години, од 2013-та, иако  најголемиот дел немаат право да користат плажи, си ги користат и заработуваат, а  ниедно ливче немаат. И почнаа притисоци од тие што го злоупотребувале цело време, се навикнале на злоупотребите и сега не сакаат да се повлечат. Секој ден гледавме нова дивоградба. Мислам дека во Охрид покажуваме дека правната држава, ако се сака ,може да функционира, рече Шекеринска.