Шекеринска за повикот војската да помогне против загадувањето: Треба вонредност


Фото: Б. Грданоски

Според нашето уредување, акциите на војската мора да го почитуваат Уставот. Ако пуштите Армија на улица, тоа според Уставот е прогласување  на одреден тип на вонредност, но Армијата е на располагање во поглед на дел од опремата која што се користи, информираше денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска  во врска со повикот на невладините организации за вклучување на војската во откривање на загадувачите на амбиенталниот воздух.

– Како влада сметавме дека во прв момент е потребно сите инспекциски служби заедно со полицијата да направат план за заедничка акција. Сметаме дека на ова прашање не можеме да пријдеме административно, туку фокусот треба да ни бидат резултати. Доколку постои можност за користење на опрема како дрон или дополнителни инструменти што може да ги искористи Армијата, да, но ако пуштите Армија на улица, тоа според Уставот е прогласување на одреден тип на вонредност што не е корисно така лесно да се применува во демократски држави, истакна Шекеринска.

Таа информираше дека Владата издвоила голема сума средства за директен напад на изворите на загадување како и за пожарите кои се случија минатиот месец, кои, според неа, не се случајни и дека сите пожари се резултат на човечка грешка или човечка одлука и дека тоа треба да се санкционира.

Инаку, деновиве, граѓанските здруженија за заштита на животната средина денес побараа од претседателот на државата Стево Пендаровски и од премиерот Зоран Заев со активирање на војската и на полицијата да се справат со енормното загадување на воздухот. Повикувајќи се на уставно загарантираното право на здрава животна средина, активистите на „Скопје Смог Аларм“, „О2 Иницијатива“, „Еко Герила“, „Мој воздух“ и „Битола сака чист воздух“ во отвореното писмо упатено до Пендаровски и Заев бараат од првите луѓе на државата да активираат припадници на армијата и полицијата во борбата со нелегалните палења на отворени огнови кои предизвикуваат аерозагадување.

Граѓанските здруженија бараат АРМ и МВР да организираат редовни патроли на припадници на армијата во национални паркови и планински предели кои се најфреквентни и најподложни на пожар, откако уследи серија на пожари во планинските предели во сезона кога тоа не е вообичаено.