Шекеринска: ВМРО-ДПМНЕ продолжува да шири лаги и кога е криза


Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска остро, па дури и гневно, ги демантираше наводите на ВМРО-ДПМНЕ дека за само четири дена Министерството за одбрана потрошило 1,4 милиони денари за патувања и ручеци. Нарекувајќи ги лаги. Опозицијата уште наведе дека властите за четири дена за време на кризата со короната потрошиле осум милиони денари за патувања, репрезентации и ручеци.

Шекеринска во својата изјава вели дека дека сите работи во светот и кај нас се менувале со светлосна брзина „само една работа останува иста – а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ продолжува наместо со помош, наместо со пофалба да работи само со лаги.

Ниту помагаат со кризата, ниту честитаат или да се порадуваат на успехот…
Сакам да ги повикам да престанат со лаги заради тоа што лагите нема ниту да го скријат нивниот срам за нечесниот однос кон кризата, ниту ќе го скријат нивниот срам дека 11 години нè држеа замрзнати во место, а ние покажавме дека за две ипол години можеме да добиеме и членство во НАТО и почеток на преговори со Европската Унија.

Она што навистина ми пречи е што во вакви важни и тешки моменти, навистина ја дефокусираат нашата работа и сметаат бидејќи немаме време, дека ќе оставиме лагите да останат само на површината. Сакам најотворено, најдиректно да ја демантирам лагата која што е јасно дека е лага дури и на секој граѓанин кој што ќе врзе два со два.

Лага е дека кој бил, а особено јас во изминатава недела замислете сум била на службени патувања и сум ги трошела државните пари на патувања и репрезентација. Замислете тоа е истата оваа недела кога скопскиот аеродром воглавно беше затворен. Тоа е истата таа недела кога секој добронамерен, па дури и злонамерен граѓанин ако седне на Фејсбук, ако кликне ќе види дека јас како и моите други колеги сум секој ден присутна во главниот штаб и секој ден присутна на владина седница.

Минатиот четврток во Министерството за одбрана донесов одлука да се укинат репрезентациите за целото Министерство, вклучително и за мене. И, сега во ситуација кога тоа го правите заради тоа што имате работа со сериозен непријател, смртоносен вирус под кој потклекнаа многу побогати и многу поподготвени држави, во таква ситуација, да добиете вакви квалификации од партијата која стана позната по ручање на бизони навистина е срамота“, изјави Шекеринска. (Н.В.)