Шекеринска бара ВМРО-ДПМНЕ да ги повлече амандманите на предлог законот за АРМ, од таму сметаат дека не се во интерес на војниците


Фото: Б. Грданоски

На потег е Собранието и пратеничките групи, вклучителнио и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да покаже дека ја цени Армијата да ги повлече амандманите, истакна денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска, одговарајќи на новинарско прашање за блокадата на опозицијата на Предлогот за измени на Законот за служба во Армијата.

-Блокадата на ВМРО-ДПМНЕ на законот за служба во Армијата не се должи на интерес да направат подобар закон. Имаа 11 години како власт да ги решат овие проблеми и не ги решија, имаа три години во опозиција да дадат вакви предлози, не ги дадоа. Блокадата се должи исклучиво на нивниот впечаток дека ако се запрат само тогаш можат да печалат политички поени, жал ми е што овојпат решија да печалат политички поени на грбот на припадниците на Армнијата, нагласи Шекеринска, на прес-конференцијата со нејзиниот чешки колега Лубомир Метнар.

Според неа, голем е интересот во Армијата и секојдневно војниците и старешините прашуваат до каде е законот. На ВМРО-ДПМНЕ им порача дека сега е моментот да покажат дека интересите на државата им се на прво место и оти, како што рече, несмеат за еден човек да ја жртвуваат Армијата.

Оддруга страна пак, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски смета дека Предлог законот за служба во Армијата не е добро законско решение, бидејќи не е во интерес на војниците и персоналот на Армијата.

-Ја повикуваме министерката Шекеринска да не се крие позади колегите пратеници од власта и конечно да признае и да прифати дека Предлог законот за служба во Армијата на Република Македонија не е добро законско решение бидејќи потенцирам, не е во интерес на војниците и персоналот на Армијата на Република Македонија, изјави за медиумите Стојаноски денеска во Кристалната сала на Собранието.

Тој додаде дека нивните барања и забелешки се суштински, јасни и прецизни.

-Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата преку амандмани бара подобрување на условите за пензионирање и давање на можност на активниот воен и цивилен персонал во Армијата да му престане работниот однос по сила на закон со остварување на право на пензија со навршување на 40 години стаж или со навршување на 55 години возраст. Со предлогот на Шекеринска ова не е предвидено и оттука по автоматизам се губи смислата и потребата од бенефициран стаж. Другата суштинска забелешка е да се изврши корекција во висината на пензијата и на воениот и на цивилниот персонал на кој од денот на формирање на Армијата до денот на влегување во сила на овој закон им престанал работниот однос согласно законите за служба во Армијата кои важеле во времето на остварување на правото на пензија, рече Стојаноски.

Според него, доколку СДСМ, Шекеринска и пратениците од владејачкото мнозинство се искрени во тоа што го говорат имаат шанса, како што рече, да го покажат тоа на дело веднаш и за тоа имаат две опции.

– Првата опција е да го прифатат нашиот Предлог закон кој впрочем е ист со предлогот од Владата надополнет со нашите суштински забелешки и втората опција, да ги прифатат нашите суштински амандмани и уште денес, да се закаже седница и сите заедно да го донесеме ова законско решение, рече Стојаноски.