Шекеринска: Вложуваме во добрососедските односи, очекуваме тоа да го направи и Бугарија

Договорот што го потпишавме со Бугарија, не беше само договор за решавање на проблемите, туку и градење на доверба и на добрососедски односи. Ние вложуваме во тие добрососедски односи и очекуваме тоа да го направи и Бугарија. Дефинитивно одлуките што ќе се носат до крајот на годината ќе влијаат позитивно или негативно на тие односи и тоа нема да бидат само нашите билатерални односи, туку ќе влијаат на регионот. Очекуваме токму државите што ги отвораа вратите, сега да ја покажат истата волја, интерес и желба да помогнат регионот да тргне напред.

Ова е пораката што денеска ја упати министерката за одбрана Радмила Шекеринска, одговарајќи на новинарско прашање дали се остварени некакви контакти со Бугарија и дали е оптимист за одржување на првата Меѓувладина конференција.

– Со колегата Каракачанов има теми околу кои не се согласуваме и најверојатно нема да се согласиме, но има една тема околу која и двајцата сме платени и избрани да ги сработиме, а тоа е регионот во кој живеме да биде стабилен и безбеден.  И нашиот влог кон таа стабилност и безбедност мора да биде добрососедството, мора да биде решавање на проблемите и обично резултатите од таа работа се подобри ако разговараме со аргументи за да се најде решение, не со емоции и со обид да се наметне решение. Ние ќе продолжиме така да функционираме како Влада, ќе продолжиме така да се претставуваме како држава и на тој  начин ќе ги решаваме прашањата, изјави Шекеринска.

Таа смета дека ќе се погреши ако се зборува за оптимизам, наспроти псимизам, што ќе се случува во регионот, што ќе се случува со ЈИЕ зависи од луѓето и од политичарите.

Повтори дека Бугарија беше државата што ја врати на дневен ред темата Запaден Балкан и проширување кон ЕУ и тоа беше успешно. Во меѓувреме, подвлече, ние и Албанија успеавме да ги исполниме условите и да добиеме зелено светло од сите земји-членки дека ги почнуваме преговорите.

Очекуваме, потенцира Шекеринска, истиот тип на посветеност кон заедничките интереси и кон регионот, да ги видиме сега и од Бугарија.

-На таков начин мислам дека интересите и на едната и на другата држава ќе бидат издржани. Во изминатиот период постигнавме неколку договори за заеднички одбранбени активности, го зголемивме интензитетот на вежби, а Бугарија е заинтересирана да учествува во т.н. аир полисинг и над нашата територија. Таа одбранбена соработка може да функционира и да дава резултаттие само ако ние што носиме одлуки ја храниме со добрососоедство, порача министерката за одбрана.

Во политиката, вели таа, сите имаат право на сопствени политики и тие политики може да бидат една наспроти друга.

-Ако сме се решиле да градиме добрососедство, треба да се трудиме да ги решаваме проблемите, а не да ги зголемуваме. Мислам дека во доменот на нашите одлуките, прашањето на изненадување не треба да биде фактор. Ние треба едноставно, тоа што ни е на масата, треба да го решиме. Истото се однесува за нас, истото се однесува и за Република Бугарија, рече Шекеринска.