Шекеринска: Владата претпазлива околу случувањата во ИВЗ


Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, рече дека случувањата во ИВЗ владата ги следи со голема доза на внимателност, не сакајќи да се меша во верските прашања во државата.

Таа остави верниците, како и судовите, кои се надлежни за таа проблематика да го кажат последниот збор и да се истражат наводите за можен фалсификат на некој од документите.

– Многу внимателни сме како Влада, не само во оваа ситуација туку и како луѓе коишто почитуваат различност, почитуваат права на граѓаните. Многу сме внимателни, никогаш по никоја цена да не се мешаме во односите внатре, на верските заедници. Тоа не сме го направиле ниту за некоја друга, тоа не го правиме ни сега за ИВЗ. Она што се случува внатре е прашање коешто верниците треба да го следат. Тоа е прашање за кое решението не е одлука на извршната власт, туку на судската власт – рече Шекеринска.

Потврди дека Владата не сака да се случуваат вакви работи во ниедна верска заедница, а сите наводи за фалсификат документи, целосно ќе бидат истражени.