Шекеринска: СЈО мора да работи


Институциите кои се бореа со криминалот и со корупцијата мора да добијат мандат да продолжат тоа да го прават, изјави денеска вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шекеринска во врска со преговорите со опозицијата за статусот на Специјалното јавно обвинителство.

-Во првите денови СЈО можеби беше само симбол, сега тоа мора да продолжи да биде и симбол и важен дел од правната држава која ќе покаже дека е функционална. Затоа ги водиме преговорите, не со цел да оствариме партиски интерес, туку со цел да дадеме одговор на очекувањата на целата наша јавност – дека правда мора да има и институциите кои се бореа со криминалот и со корупцијата мора да добијат мандат да продолжат тоа да го прават – изјави Шекеринска.

Според неа, опозицијата во изминатиов период преговара со цел СJO да не може да работи.

-Ние нема да се согласиме на такви компромиси. Спремни сме за компромиси што ќе значат подобар закон, посилно обвинителство и повеќе контрола и врз извршната власт. Но, не сме спремни на компромиси што ќе значат ставање под тепих на старите злоупотреби или било какво ослабување на институцијата која треба да го истражува и минатото и сегашното работење на Владата -рече Шекеринска.