Шекеринска: Северна Македонија де факто функционира како членка на НАТО


Членството во НАТО е прашање на недели и никој нема дилеми дека земјава функционира како де факто членка на Алијансата. Ја добивме поканата, многу брзо и успешно го завршивме процесот на преговори, и ниту една земја-членка не отвори ниту едно спорно прашање за ратификација на протоколите.

Ова денеска го изјави вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, на потпишувањето на договорите со питомците за стручно оспособување и усовршување на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, одговарајќи на прашањето до каде е процесот на ратификација на протоколот за членство на земјава во Алијансата.

Посочи дека процесот на ратификации на Протоколот за членство на земјава во НАТО течеше неочекувано и многу брзо, што, според неа, е реткост за која било земја.

Рече дека останаа уште неколку земји каде што процесите на ратификација се во завршните фази и изрази очекување оваа есен процесот на ратификација да го завршат и САД, Велика Британија, Франција, Италија, Шпанија, Исланд и Холандија, каде вториот дом на Парламентот треба да ја донесе одлуката.

– Во ратификациите на вакви протоколи, секогаш има факор икс. Доволно е  видите што се случуваше во Италија и Шпанија со можноста за предвремени избори, и да видите дека тука планирањето многу не помага. За нас е добра вест кога чувме дека е направен договор за нова италијанска Влада, и се надеваме оти тоа значи дека Парламентот ќе биде активен и ќе ја продолжи ратификацијата, додаде таа.

Потсети дека и во Велика Британија исто така има некои политички превирања.

– Таму беа доволни пет дена предлогот да биде ставен во процедура и практично на завршувањето на тие пет дена да се смета одлуката да биде донесена. Но сега заради суспензиите на Парламентот се уште не се јасни сите детали и сите термини за да можеме да претпставуме кога ќе се случи, појасни министерката Шекеринска.

Амбасадорите на 29-те земји-членки на 6 февруари годинава во седиштето на НАТО го потпишаа Протоколот за членство, а прва го ратификуваше Грција. Очекувањата се дека по завршувањето на ратификациите на протоколот, во декември земјава ќе добие одлука за полноправно членство во Северноатлантската алијанса.