Шекеринска: Седумдесет години по основањето на Алијансата, стануваме 30-та земја-членка


Триесет години зборувавме за НАТО. Денеска одбројуваме до полноправно членство. Денес НАТО е реалност. Седумдесет години по основањето на Алијансата, стануваме 30-та, најмлада членка на НАТО, но еднаква и рамноправна. Дваесет и пет земји – членки ги завршија ратификациските процедури во нивните парламенти. Синоќа и САД ратификуваа со убедливо мнозинство од 91 глас за, а само два против. Успешно ја приведовме кон крај една од двете најважни стратешки цели на нашите граѓани, рече заменик – претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска на прес-конференција во седиштето на партијата.

Овој успех, посочи таа, не падна од небо, не го добивме како подарок, го сработивме, го издејствувавме, затоа што прва должност на секоја влада е да ја одржува својата земја безбедна и сигурна.

– Сите ние знаеме колку беа лоши состојбите пред две и повеќе години: изолирана држава, меѓународно менаџирање на внатрешната политичка криза, НАТО и ЕУ мислена именка, критики од меѓународниот печат за киднапирани институции, неслободни медиуми…Но, денеска сакам да зборувам за успесите што ги постигнавме во изминатите две и пол години. Должност на секоја влада е да ги остварува задачите околу кои општеството се обединува, кои се израз на неговата кохезија. А тоа е НАТО. НАТО чува под својот безбедносен чадор една милијарда луѓе. Да се биде дел од клубот чие мото е „Сите за еден – еден за сите“ е не само гаранција за безбедноста и заштитата на територијалниот интегритет и суверенитет, туку е и порака кон светот дека ги разбираме и прифаќаме нашите одговорности во регионот и пошироко, истакна Шекеринска.

Да се биде дел од овој клуб, потенцира, е предуслов за раст на економијата и отворање на работни места како што веќе ни се случува, да се биде дел од овој клуб е еднаква шанса на нашите домашни економски оператори да учествуваат на тендерите за јавни набавки на НАТО.

Нагласи дека тоа се придобивки за економијата, граѓаните и државата.

– За разлика од периодот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ нашата татковина е сега отворена кон светот. Ја дуплиравме нашата одбранбена секција во НАТО. Се вративме во Монс. На воените аташеа во Вашингтон, Берлин и Анкара, го додадовме и Париз. Испраќаме наши старешини во состав на главните команди на НАТО и со тоа даваме наш полн придонес кон мисиите и задачите кои ги остварува Северноатлантската алијанса. Изработивме План за опремување и модернизација на вооружените сили, како дел од Долгорочниот план 2019-2028. Нашата Армија ќе се модернизира и ќе ги подобри оперативните способности. Го зголемивме буџетот во одбраната и ги покачивме платите, рече Шекеринска.

Таа појасни дека за овие две години имала чест да ја претставува државава на билатерални средби со 20-тина министри за одбрана на НАТО членки, а девет од нив ја посетија земјава за само една година.

– Имав две официјални посети на Пентагон. Во нашата земја повторно дојде секретар за одбрана на САД – нешто што не се имаше случено од 2004 година наваму. Ова меѓународно внимание кон нашата татковина не беше можно до пред две и пол години, бидејќи цели 10 години оваа земја немаше политичка визија, немаше политичко лидерство. Не можете да ја изолирате својата земја а да очекувате влез на инвеститори. Не можете да ја оддалечувате вашата земја од НАТО и ЕУ, а да очекувате пораст на странски инвестиции, истакна Шекеринска.

За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, која 11 години беше посветена на криминал, корупција, омраза и поделби, посочи, ние како одговорна партија сме посветени на развој, економски раст и интеграција.

Нагласи дека нудат политики кои им служат на граѓаните, политики што обединуваат и водат напред, на прав пат, не ги лажат граѓаните дека ќе уриваат со тешка мака постигнати меѓународни договори, како што тоа го прави ВМРО-ДПМНЕ, не собираат поени со ветувања дека ќе ја вратат нашата земја неколку чекори назад, како што ветува Мицкоски, не нудат враќање во историјата, туку пат кон иднината, а единствениот пат што води натаму е правиот пат на одговорните политики.

– Заедно со граѓаните на 12 април ќе потврдиме дека нашата држава, нашите политики се на прав пат, додаде заменик – претседателката на СДСМ, Шекеринска.