Шекеринска: Против лицето кое одлучи да биде партиски, а не армиски војник се води дисциплинска постапка
Кога ДПМНЕ беа на власт поднесуваа кривични пријави за да ја заплашат јавноста, а сега ги поднесуваат за да ја замајуваат. Но мотивот за денешните пријави е друг, објави на својот фејсбук профил Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, по информацијата од Драган Ковачки дека поднел кривични пријави против актуелниот министер за одбрана и против раководно лице во Министерството за одбрана.
Според Шекеринска, причина за поднесените кривични пријави е нервоза и тоа од две причини.
-Првата е што против лицето кое одлучи да биде партиски, а не армиски војник се води дисциплинска постапка поради закани кон началникот на Генералштабот на Армијата. Нешто што е незамисливо за офицер во било која Армија. Втората е што наскоро согласно измените во Законот за служба во Армијата, тој ќе треба да одлучи дали ќе ја соблече армиската униформа бидејќи му е поважна партиската, вели Шекеринска.
Жалосно е, посочува таа, што тој и денес со голема леснотија ја отфрли армиската чест само за да служи на една мала група на луѓе.
-Оваа црна пропаганда против Армијата на сопствената татковина, во период кога постигнувањата се видливи на дневна основа, не се ништо друго освен непријателски чин против угледот на Армијата, довербата на граѓаните, но и атак врз безбедноста на земјата. Тоа е неприфатливо однесување од било кого, а најмалку од висок воен старешина, објави Шекеринска на својот Фејсбук профил.
Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки, денеска информираше дека поради постоење на основано сомнение дека се прекршени членовите 349 и 353 од Кривичниот законик, како и членот 103 став 1 и 3 од Законот за класифицирани информации, во ОЈО поднеле три кривични пријави, две против актуелниот министер за одбрана и едно против раководно лице во министерството за одбрана.