Шекеринска очекува брзо да завршат разговорите за стабилно парламентарно мнозинство


Многумина граѓани, но и медиумите чекаат од нас да го потврдиме парламентарно мнозинство кое ќе гарантира функционално Собрание и нормален тек на реформските процеси. Се водат разговори, очекувам тоа брзо и успешно да се заврши, бидејќи не чека многу повеќе работа. Целта е да се обезбеди квалитетно мнозинство, кое точно ќе знае за какви политики се залага, има јасен план за работа и времето помалку ќе го троши во преговарање, а повеќе во работа.

Ова денеска го изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска, по барање на новинарите да ја коментира актуелната политичка состојба во однос на случувањата во Собранието за прашањето за гласањето недоверба на Владата.

– До пред неколку дена сите можевме да лицитираме со различни тези. Се виде дека информациите што ги пласираше опозицијата биле дезинформации и пропаднаа обидите не само да се изгласа недоверба на Владата, туку и да се попречи целиот овој процес на наше интегрирање, не толку во НАТО, колку во ЕУ, изјави Шекеринска.

Таа нема дилеми дека во РС Македонија доминантен е ставот оти ни треба стабилност, предвидливост, работа за да ги обезбедиме резултатите што граѓаните ги очекуваат.

Смета дека фокусот треба да биде што се случува во државата и по Локалните избори да се врати во нормалното темпо на работа и обезбедување подобар живот, повеќе безбедност.

– Владата функционира. Собранието денеска ќе почне да дискутира и за Буџетот, ако не се лажам. Ништо не не спречува да работиме на тоа што е важно за сите. Мислам дека како  што на граѓаните фокусот не им е постојани избори или постојано броење пратеници, туку работа и резултати, мислам дека и ние тоа треба да им го понудиме, истакна Шекеринска, по финалната конференција на групата за воена интеграција на Република Северна Македонија во НАТО.

Таа потенцира дека со финализирањето на интеграцијата во НАТО, се испраќа и порака кон нашите ЕУ партнери дека сме држава на која може да и се верува.

– Покажавме дека како држава можеби сме мала и не можеме многу да понудиме во некој дел, особено на воена сила, но тоа што ќе го најавиме, тоа го испорачуваме. Тоа е имиџиот што сакаме да го создадиме сите овие години, изјави Шекеринска.