Шекеринска: Немам дилема дека следната година ќе бидеме 30. членка на Алијансата


На Денот на НАТО добро е да се потсетиме каде бевме пред 12 месеци на овој ден и каде успеавме да стигнеме со сериозна работа и реформи и болни компромиси. Денеска овој ден е и наш ден, како земја поканета да стане членка. Немам дилема дека следната година ќе стои и последниот печат и ние ќе стоиме како 30. членки, порача министерката за одбрана Радмила Шекеринска на отворањето на изложбата “70 години од основањето на НАТО и Република Северна Македонија, 30. членка на Алијансата”.

– Го одбележуваме 4 април верувајќи во уште помирно, побезбедно, и по просперитетно утре за сите нас. Се потсетуваме каде бевме и каде успеавме да стигнеме, нагласи Шекеринска.

На музејската изложба денеска, продолжи Шекеринска, можеме да ги видиме документите и договорите што ја променија нашата сегашност и уште повеќе нашата иднина. Тука се моментите од потпишување на договорот за пријателство со Бугарија, договор од Преспа, поканата за почеток на пристапните преговори и пристапниот протокол со НАТО и документите од нашето прво учество на министерски состанок на северноатлантската алијанса.

– НАТО алијансата е најмоќниот воено политички сојуз на денешницата и на Денот на НАТО добро е да се потсетиме на моторот на оваа Алијанса. На колективната одбрана и безбедност и вредностите вградени во темелите на евроатлантската алијанса. Тоа се индивидуалните слободи, демократијата, човековите права и владеењето на правото. Вредности кои во нашата држава знаеме колку се скапи, порача Шекеринска.

Овие вредности, посочи министерката, за нас го отсликуваат западниот свет кон кој се стремевме речиси три децении.

– Тоа е свет во кој секоја индивидуа е важна и слободна и заштитена. Светот кон кој нашата држава тежнееше речиси три децении, целта на која бевме посветени и на обединување сите овие години. Свет кој долги години беше желба меѓутоа сега станува реалност, истакна Шекеринска.

Денеска на Денот на НАТО, посочи Шекеринска, најдобрата честитка не ни доаѓа од Брисел или Скопје.

– Денеска најдобрите честитки ги добивме од Полска и Словачка чии парламенти го изгласаа Протоколот за нашето членство во НАТО, истакна Шекеринска.

Посочи дека Северна Македонија ја следи традицијата на НАТО, воспоставена со издавањето на поштенски марки во 1952 година од страна на Португалија и САД и денеска официјално ја промовира поштенската марка издадена од нашата пошта по повод 70 години од основањето на НАТО.

Ејуп Рустеми директорот на Македонска пошта, по тој повод рече дека нашата Пошта остава свој белег со издавањето на поштенската марка 70 години од основањето на НАТО.

– Поштенската марка ќе ги прати низ целиот свет пораките и вредностите за мир и стабилност, порача Рустеми.