Шекеринска и Митрески во Битола: Вративме стотици милиони евра кај граѓаните


Носителите на изборната листа на СДСМ во Изборната единица 5, Радмила Шекеринска и Јован Митрески, остварија повеќе средби во Битола.

„Малите бизниси се столбот на нашата економија. Држава која овозможува услови за сите подеднакво а не за малкумина како што тоа го правеше ДПМНЕ е држава во која сакаме да живееме. СДСМ носи сојузници, ВМРО-ДПМНЕ носи непријатели. СДСМ нуди кадри кои државата ја однесоа на прав пат, ВМРО-ДПМНЕ нуди истрошени кадри на Груевски“, рече Митрески.

Шекеринска нагласи дека „излегуваме пред граѓаните со сигурна понуда, ‘Можеме’ е сигурна понуда за повисоки плати и повисоки пензии. Нашиот фокус во следните четири години откако ги решивме сите тешки прашања, откако станавме членка на НАТО, откако добивме почеток на преговори со ЕУ е да ја трансформираме нашата економија. Да обезбедиме нова развојна македонска економија. Еден од главите фокуси ќе биде да обезбедиме повеќе шанси и повеќе пари за компаниите и граѓаните.

Домашните фирми не ги оставаме на цедило. И овој пат ќе ги поддржиме со дополнителени 600 милиони евра. Со членството во НАТО, обезбедуваме рекорден број на странски инвестиции“, рече Шекеринска.